124 интервенции за гаснење на пожари имала ТППЕ Охрид во првите четири месеци од годинава. Споредбено со минатата година бројката е во благ пораст за неколку интервенции со оглед дека во 2021 година бележи 120 интервенции. Во однос на техничките интервенции и други активности кои се должност на ТППЕ оваа година до сега имало 59, додека минатата за истиот период 31.

Најчести причини за пожарите на отворено е несовесното однесување на луѓето при чистење на нивите, градежни материјали, шут, намерно палење се со цел да го исчистат теренот вели командирот на ТППЕ Охрид, Борко Јанкулоски.

Во месец април бележиме 21 интервенција на пожар и 12 технички интервенции. Поголем број интервенции има во март каде вкупно се интервенирало во 53 случаи, било да се пожари или други активности. Како ТППЕ честопати упатуваме апели дека не даваме никакви одобренија за некое контролирано палење кое годините наназад било во пракса, граѓаните да се јават на итната телефонска линија да пријават дека ќе вршат контролирано палење. Моментално ние не даваме такви дозволи и одобренија, потенцира Јанкулоски.

Палењето оган на отворен простор, вели, е строго забрането со Закон и ги советуваат граѓаните тоа да не го прават, поради тоа што пожарот од обично стрниште може да се прошири, а секако тука е и загадувањето на околината и на воздухот. Кога ќе дојде до проширување на пожарот, се јавуваат кај нас да интервенираме, додава Јанкулоски.

Овој период не е толку проблематичен со оглед дека вегетацијата е зазеленета, помали се шансите за полски и шумски пожари. Не се очекува драстично зголемување, но ништо не е исклучено. Очекувањата се дека интервенции ќе има повеќе некаде кон средината на летото, додава Јанкулоски.

Вели имаат недостаток од возило за интервенции во стариот дел од градот, но и опрема за пожарникарите, бидејќи потенцира многу е значајна личната заштита за да може безбедно да се пристапи на терен и да се помогне таму каде што е потребно.

Имаме недостаток на опрема. Тоа што во моментов е најитно е мало возило кое би се користело во стариот дел на градот, дел кој е од висок ризик поради историски и културни вредности кои се од непроценливо знаење. Тежок е пристапот, посебно во летниот период и нешто како најбитно е лична заштитна опрема за пожарникарите. Преку една донација успеавме да набавиме осум комплети за осум пожарникари кои не се доволни. Се надевам дека во соработка со Локалната самоуправа таа бројка ќе ја надополниме да се комплетираме сите 38 пожарникари, додава Јанкулоски.

Апсолутно има интерес од младите, вели, за да работат како пожарникари, а тука се и постарите искусни пожарникари кои своето искуство би им го пренеле, а со цел подобрување на стручноста на самата единица секојдневно се спроведуваат и обуки на вработените.

Н.С.Ј