Тринаесет вработени референти во Агенцијата за катастар на недвижности се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, односно дека украле речиси два милиони денари.
Имено, при поднесување на пријави за запишување на промена во катастарот на недвижности, како и при поднесување на барања за издавање на податоци од катастарот, во периодот од 2013 до 2016 година, вработени во одделението спротивно на закон се стекнале со противправна матријална корист во вкупен износ од 1.883.433,00 денари.
Истата ја оствариле на начин што при безготовинска наплата на надоместоците преку ПОС терминалите поставени на шалтерите на Агенцијата, во случаите кога граѓаните немале платежни картички или уплатници, вработените ги нуделе своите платежните картички за кои барале да им се даде паричен надоместок во готовина. По добивањето на надоместокот, плаќањето на трансакцијата и давањето на услугата, вработените ја злоупотебиле службената положба и овластување со што извршиле сторнирање на веќе извршената уплата, односно со оваа постапка паричните средства не легнале на сметката на Агенцијата за катастар на недвижности.
Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје до судијата на претходна постапка достави Предлог за определување на мерки на претпазливост и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето; обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање на определени работни активности што се поврзани со кривичното дело.
OhridNews