Спасителите на вода се подготвени да интервенираат на охридските плажи. Црвениот крст Охрид како надлежна институција за безбедност на плажите располага со 130 спасители, а дополнителен број ќе се обучат на претстојните курсеви во јуни и јули.Тие денеска на просторот кај градското пристаниште извршија прзентација на опремата за спасување на вода.



– До овој момент на охридската ривиера интерес за ангажирање спасители на вода пројавија 4-5 концесионери од вкупно 24 плажи, но со оглед на менталитетот очекуваме непосредно пред стартот на главната туристичка сезона сите концесионери да обезбедат спасители, што е нивна законска обврска, изјави Сашо Точко – претседател на Црвен крст Охрид.


Точко информираше дека минатата година спасителите на охридските плажи имале 11 успешни интервенции за спасување давеник, и преку 70 интервенции на укажување прва помош, а добро функционирала соработката со брзата помош и капетанијата. „За жал, на струшката ривиера каде немаше ниту еден ангажиран спасите имавме 4 случаи на давење, а тамошните концесионери не пројавуваат интерес за спасители ниту оваа година“, додаде Точко. Тој упати забелешка и дека дел од концесионерите за да заштедат, го скратувале обележаниот појас кој ја означува безбедносната зона. На тој начин, рече Точко се загрозува безбедноста на капачите во необележаната зона за која ангажираните спасители не одговараат.


Спасителите на вода со кои разговаравме велат дека најчесто интервенирале при здобивање посекотини на капачите, но и кај несовесни капачи кои и покрај предупредувањата во вода влегувале под дејство на алкохол или прејадени. Тие велат дека се подготвени за претстојната сезона, но се надеваат дека ќе нема потреба од нивни интервенции на капалиштата.

Ohridnews