Поетското читање во Македонскиот културно- информативен центар во Софија, на кое, со свои творби се претставија македонски и бугарски автори, доделувањето на наградата “Македонски книжевен Дедал” чија цел е афирмација на македонската литература во соседна Бугарија и продлабочување на македонско-бугарските книжевни и културни врски беа дел од 14. Македонска книжевна визита која се одржа во Софија.

Оваа година награда ја доби бугарската поетеса Роза Бојанова, една од врвните современи поетеси на Бугарија и исто така има фотографии на дел од знаменитостите на Софија проткаени со пријателско дружење на учесниците на овогодинешната Македонска книжевна визита.

Во знак на почит и сеќавање на големиот бугарски поет Љубомир Левчев, добитникот на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, беше одржан омаж по повод 88-годишнината од неговото раѓање, при што проф. д-р Кристина Николовска одржа пригодна беседа.

Годинашната „Четиринаесетта македонска книжевна визита“ започна со книжевниот портрет на современиот македонски поет, прозаист, есеист, преведувач и универзитетски професор Владимир Мартиновски, за чие поетско творештво говореше универзитетската професорка Лидија Капушевска Дракулевска.

На овој настан беа презентирани стихови од Мартиновски на македонски и на бугарски јазик, а со поздравна беседа се обрати и претседателот на Сојузот на бугарските писатели Бојан Ангелов и Кристина Николовска, претседател на Собранието на Друштвото на писателите на Македонија.

На поетскиот митинг во Софија оваа година зедоа учество Анжела Димчева, Бранко Цветкоски, Димитар Милов, Димитар Башевски, Николај Шопов, Владимир Мартиновски, Роза Бојанова, Димитар Христов, Кристина Николовска, Иван Есенски, Виолета Танчева – Златева, Атанас Звездинов, Зоран Јакимовски, Маја Панајотова, Марина Мијаковска, Петар Андасаров, Јовица Тасевски – Етернијан, Надја Попова, Лидија Размоска Тримовска и Владимир Левчев.

Организатор на оваа традиционална манифестација е Книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија, а проектот е помогнат од македонското Министерството за култура.

OhridNews