Околу 140 килограми марихуана вредна 250 илјади евра,  запленила македонската полиција на патот Охрид –  Ресен во близина на фабриката ЕМО Охрид. Како што соопшти денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, дрогата е со потекло од Албанија,  а преку Македонија требало да заврши на грчка територија.

– Транспортот бил организиран од Албанија преку Македонија со крајна дестинација Грција. Нарачател бил грчки државјанин кој е еден од осомничените за оваа недозволена трговија со дрога. Во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава против три лица инволвирани во случајот, соопшти на денешната прес-конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Притворени се Мартин Цветановски од Љубодраг, Кумановско и Маријан Станишковски од Куманово, кои биле ангажирани за транспортот на дрогата. Мартин Цветановски и бил познат на полицијата како сторител на дела „разбојништво“.

Цветановски дрогата ја превезувал во патничко моторно возило „мазда“ со украдени регистарски табилички, додека Станишковски бил во улога на чистач и возел пред него возило „дачија логан пикап“. Третоосомничен е грчкиот државјанин Кирило Лазаридис од Јанина кој е набавувач на дрогата. Лазаридис и бил познат на грчката полиција како дилер на дрога.

Според истрагата на МВР, дрогата била внесена од Албанија на нелегален премин близу Свети Наум и требало да биде изнесена преку див премин кај Битола.

Министерката Јанкулоска информира дека вчера е реализиран уште еден случај на трговија со дрога во Кичево. Дрогата ја открил сопственик на куќата која тој не ја користел во текот на годината, а која сопствениците на дрогата ја користеле за складирање. Во куќата се откриени 10.000 таблети „екстази“, половина килограм прашкаста материја за која се очекува вештачењето да потврди дека е хероин, како и поголемо количество пари и оружје.

– МВР се уште работи на утврдување на идентитетот на лицата кои ја складирале дрогата во оваа условно речено напуштена куќа. Во текот на денот ќе биде докомплетирана и документацијата за овој случај, рече Јанкулоска.

Ohridnews
“Извор МИА“