Денес се навршуваат 16 години од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој загина на 26-ти февруари 2004 година во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар.

Владина делегација, денес, ќе присуствува на одбележувањето на годишнината од смртта на Трајковски, кај Ротимље. На одбележувањето најавено е присуство и на претставници на Владата на Босна и Херцеговина и на градот Мостар.

Делегација на Владата што ќе ја предводи министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, ќе положи цвеќе на гробот на претседателот Трајковски на Градските гробишта Бутел во Скопје. Свежо цвеќе ќе биде положено и на споменикот на Трајковски во Струмица.

За причините за падот на владиниот „кингер“ со кој патуваше претседателот Трајковски беа изврешени две истраги и објавени два извештаи, на две комисии со кои раководеа Салко Бегиќ и Омер Кулиќ, а во кои учествуваа и македонски експерти. И во двата извештаи како причина за падот на „кингерот“ се наведуват пилотски грешки и други индиректни системски пропусти.

Во авионска несреќа заедно со претседателот на Република Македонија Борис Трајковски загина осумчлена македонска делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар во која беа: Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан – Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето, и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

OhridNews