Ученик на возраст од 16 години од струшко, е повреден во тепачка помеѓу две групи, што по завршување на првата смена се случила во дворот на средношколскиот центар во Струга.

Според првичните информации од истрагата, која се уште е во тек, ученикот настрадал при обид да раздвои две раскарани групи. Караницата прераснала во тепачка во која тој бил удрен со метален боксирач и расечен со остар предмет, најверојатно нож.

Повредениот е префрлен во хируршкото оддление при општата болница во Струга, каде е згрижен. Дежурниот лекар кусо ни изјави дека тој е во стабилна состпјба, повредите не биле од посериозен карактер, но е задржан на опсервација поради превенција. Пред болницата ги затекнавме роднините на повредениот, кои беа вознемирени од настанот, велејќи дека нивниот близок бил мирно и примерно момче.

СВР Охрид го потврди инцидентот, во кој учествувале и две повозрасни лица кои не биле ученици. Полицијата работи на расветлување на случајот.

OhridNews