По ставањето во функција на системот „Безбеден град“ во Охрид на 12 октомври, граѓаните реагираа на начинот на кој функционираат семафорите на улицата „Железничка“.

Надлежните служби соодветно реагираа и ги презедоа сите потребни мерки за да се нормализира состојбата. На семафорите веќе се поставени тајмери за одбројување, со што на возачите им се овозможува подобра прегледност и повеќе време за безбедно поминување.

Според информациите на МВР, за пречекорување на брзината во населено место, каде дозволената брзина е до 50 km/h, односно по исклучок до 70 km/h каде што тоа е означено со сообраќаен знак, предвидени се: до 10 km/h над дозволеното – 15 евра; од 10 до 30 km/h – 50 евра;од 30 до 50 km/h – 300 евра и забрана за управување од три до 12 месеци.
Надвор од населено место, глобата за пречекорување до 30 km/h е 20 евра, од 30 до 50 km/h – 50 евра, а за пречекорување од 50 до 70 km/h следува глоба од 300 евра и забрана за управување од три до 12 месеци.
За поминување на црвено светло предвидена е глоба од 250 евра, како и забрана за управување со моторно возило од три до 12 месеци.

Предвидена е и можност за намалување на паричната санкција, при плаќање во рок од осум дена се плаќа 50 проценти од изречената глоба.
Инаку, системот „Безбеден град“ има за цел да придонесе кон подигнување на сообраќајната култура, поголема дисциплина кај возачите и унапредување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
OhridNews











