Пред седумнаесет години само околу 10 проценти од населението во Македонија имаше пристап до интернет. Традиционалните медиуми беа главен извор на информирање, а онлајн медиуми не постоеја. Тоа се промени на 7 декември 2006 година, кога официјално беа објавени првите вести на „ohridnews.com“, со што официјално почна со работа првиот информативен портал во Македонија.

Седумнаесет години подоцна интернетот е прв извор на информирање. Онлајн е речиси секој граѓанин, а информациите се подостапни од било кога. Денес во земјава постојат над 300 онлајн медиуми, во регионот дузина, но OhridNews остана препознатлив симбол за објективно и професионално информирање со висок степен на доверба. Потврда на тоа се илјадниците лојални читатели и бројните задоволни клиенти кои веќе 17 години со успех ги промовираат своите услуги и производи на креативните платформи на OhridNews.

Да се биде „чекор пред сите“ не беше лесно ниту пред 17 години, не е ни сега. Тоа е мотото кое не влече напред низ годините. Свесни за предизвиците кои ги носи новото време, остануваме цврсти на определбата својот имиџ да го градиме со професионален однос кон работата, почитувајќи ги етичките и еснафски норми во известувањето врз база на точни и проверени информации – предизвик пред кој денес се исправени медиумите во онлајн просторот, вели основачот и главен уредник на OhridNews, Горан Момироски.

Декември е месец на празници, убави моменти и сумирање на впечатоците од годината која полека изминува. Во тој контекст, пред крајот на годината го најавуваме печатеното издание на Годишната ревија на настани во која ќе ги издвоиме и успешните охридски приказни во 2023та, како и седмото издание на културно-забавниот спектакл „Зимска бајка“ што ќе се случи на 23 декември, за што повеќе детали ќе изнесеме деновиве.

Ви благодариме што полни 17 години не следите со доверба.

Ваш OhridNews