Програмата за неповратни средства ги покрива трошоците на лицата за регистрирање на фирмата, набавка на потребната опрема, машини, апарати и градежни материјали во вкупен износ до 3.000 евра.
Од охридската агенција за вработување велат дека 5 од лицата кои започнале соспствен бизнис се опфатени со првата форма на оваа програма, односно Програмата за формализирање на веќе постоечките бизниси. Останатите 13 лица, бизнисот за самовработување, го започнале од идеја до реализација.
-Во првата форма за финансирање на самостоен бизнис, можеа да конкурираат лица кои веќе имаа започнато сопствен бизнис, но со нерегулиран статус на фирма. Покрај тоа што сопствениците на ваквите фирми добија средства за регистрирање на фирмата, тие можеа да повратат и дел од веќе вложените материјални средства во бизнистот. Во втората форма на оваа програма можеа да конкуирираат лица кои имаа нереализирана идеја за отворање на сопствен бизнис. Значи оваа програма им нудеше можност, на лицата кои сакаат да започнат бизнис, да им помогне околу покривањето на сите потребни трошоци.-објаснува Пецо Павловски, координатор за Активни мерки за вработување во Агенцијата за вработување во Охрид.
Тој нагласува дека за оваа програма за самовработување, годинава имало многу голем интерес.
-За првата форма од програмата аплицираа 10, а средства добија 5 лица. За втората форма од оваа програма конкурираа 30 апликанти, но средства за отворање на сопствен бизнис добија само 13 поединци.-вели Павловски.
Програмата на неповратни средства, за отворање на сопствен бизнис, се дел од мерките на Активните политики за вработување кои за 2009 година, ги имаше изготвено Министерството за труд и социјална политика.