На денешен ден, пред деветнаесет години, 3-ти октомври 1995 година, беше извршен атентат врз првиот македонски претседател, Киро Глигоров, кој почина пред две години од природна смрт.

Атентатот се случи во 9.50 часот на ул. „Македонија“ пред хотелот „Бристол“, кога Глигоров со службено возило се движел од неговата резиденција кон Собранието на Република Македонија. Нападот беше извршен со автомобил бомба. Во „цитроен ами 8“ биле поставени 20 килограми експлозив кој бил активиран со далечински управувач.

Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден неговиот телохранител Илчо Теовски. На повредите подоцна им подлегна и Ристо Хаџиманов, кој бил случаен минувач. И после 19 години не се познати ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот.Според официјалните полициски информации, во врска со атентатот биле легитимирани 188.250 лица, се извршила контрола на 115.000 моторни возила, биле претресени 18.929 граѓани и 30.850 возила. Во исто време биле прегледани 15.000 објекти и 20.250 различни моторни возила.

Глигоров за овој немил настан напиша и книга „Атентат-ден потоа“ објавена во 2002 година.

Киро Глигоров (Штип, 3 мај 1917 – Скопје 1 јануари 2012) беше прв претседател на самостојна и независна Република Македонија. Тој беше на чело државата од 1991 до 1999, односно два претседателски мандати.

OhridNews

извор Макфакс