Делегатите на 19 конгрес на СДСМ што се одржува денес и е затворен за јавноста, расправаат за деталите од програмата на партијата. Како што рече денеска лидерот на партијата Зоран Заев, со програмата ќе се обезбеди егзистенцијата на граѓаните и ќе се стабилизира економијата.
„Таму каде што има економска сигурност, таму има борба за демократија и слобода“, рече Заев.
Најголемата опозициска партија се обврза на одговорна власт и вети дека ќе се обезбеди функционирање на сите механизми со цел контрола на власта. Главен критериум за вработување, рече Заев, нема да биде партиската книшка, туку стручноста и работното искуство. Тој во говорот пред делегатите, додаде дека административните службеници нема да бидат бркани од работа, но каде што има превработеност ќе има реорганизација по претходно направена анализа. Тој вети воведување на флексибилно работно време и институции отворени за граѓаните до 20 часот.
Заев на деншениот програмски Конгрес на партијата, најави покренување на иницијатива за уставни измени за исклучување на министерот за правда од Судскиот совет и јасни критериуми за избори и напредување на судиите, како и намалување на судските такси за граѓаните.
Во првите две години по евентуалното преземање на власта, СДСМ најавува создавање на правен основ јавниот обвинител да се бира по предлог на опозицијата.
OhridNews
извор Утрински весник