Поради премрзнатост,  19 лица кои денеска влегоа во ладните езерски води, беа извлечени од нуркачите и спасителите на вода. Силниот западен ветар и долгото барање на крстот, придонесе екипите на Црвениот крст да имаат полни раце работа.

Според претседателот на ОО Црвениот крст Охрид, Сашо Точко, регистрирани се 5 посериозни интервенции, a кај тројца капачи забележана е блага форма на хипотермија.

Како што очекувавме на самото фрлање на крстот, не дочека силен западен ветар кој ја помати водата и створи повеќе проблеми. Со тоа што крстот се бараше подолго време, имаше повеќе интервенции. 19 лица беа извлечени од спасителите на вода поради премрзнатост. Кај две лица е интервенирано поради длабоки осекотини, кои се упатени во хирушкото одделение.“ – вели Точко.

Исто така, денеска традиционално се одржа и крводарителска акција. На платото меѓу ресторанот „Чун“ и капетанијата, трансфузиолошките тимови од Охрид и Скопје земаа крв од хуманите луѓе.

Крводарителската акција е во тек. До сега се собрани преку 80 единици крв. Нашите екипи остануваат на терен до 15 часот, па се надеваме дека ќе ја надминеме онаа бројка од преку 100 единици крв.“ – додава Точко.

Инаку, екипите на Црвениот крст Охрид ќе бидат присутни и на утрешната манифестација за Денот на рибарите.

OhridNews