Клубот „Лихнидос“ од почетокот на Мај покрена акција за набавка на користени велосипеди, со намера да ги подари на најдобрите ученици од основните училишта во Охрид, кои доаѓаат од најранливите социјални категории. До сега има подарено 20 велосипеди.

“Многумина имаме велосипеди кои стојат по подрумите и само собираат прашина. Со мала репарација и освежување, тие можат да им послужат одлично на децата кои немаат можност да возат сопствен велосипед.” – изјави Јован Блажески, член на клубот и иницијатор на идејата.


20 подарени велосипеди, 20 “украдени” насмевки 

“За успешна реализација на акцијата се консултиравме со Директорите и наставниот кадар на училиштата. Идејата најбрзо беше прифатена од ОУ Братство и Единство и ОУ Свети Климент Охридски. Без разлика на потврдениот ранлив социјален статус, децата ги наградуваме првенствено заради нивното залагање и одличен успех. А кога ќе го добијат велосипедот, нивната насмевка нема цена.” – изјави Д-р Диел Аголи, почесен претседател на клубот.

Инаку, членовите на Лихнидос се грижат и за повозрасните ученици од Охрид. На пример, за најдобриот средношколец од градската гимназија клубот обезбеди спонзорство за матурантската екскурзија до Италија. Исто така, со несебична помош на компанијата Такси Мерцедес клубот веќе две години обезбедува локален превоз за најдобриот студент во генерацијата на ФТУ, кој од здравствени причини се движи со инвалидска количка.

OhridNews