По изминувањето на годината се прават анализи, се средуваат впечатоците. Она што ни оставило убав впечаток најчесто се обидуваме да го зачуваме во сопствената меморија. Оние пак- негативните случки, понекогаш и потсвесно, правиме напори да ги избришеме засекогаш од сеќавањата. Кој позитивен или негативен настан ја одбележа минатата 2010 година? На ова прашање традиционално за OhridNews одговараат охридските новинари.  

Александар Бачиќ- МИА

Без двоумење како најнегативен настан во 2010 година, би го издвоил убиството на српскиот турист. Несреќи и немили настани има секаде, ризиците се особено големи во услови на концентрација на поголем број луѓе, како што е во Охрид во екот на летната туристичка сезона, но вознемирувачка и би рекол алармантна е пораката што дојде до нас тоа августовско утро. Да се посегне по човечки живот на еден така свиреп начин, и тоа поради банална причина, значи дека потфрливме сите ние, почнувајќи од нас граѓаните како поединци и домаќини, се до институциите задолжени за безбедноста на туристите во градот.

Позитивен настан според мене број еден годинава беше одржувањето на Првиот меѓународен атлетски митинг. Можеби на прв поглед изгледаат недостижни Осло,  Цирих, Стокхолм, но доколку вредно се работи и се сака, Охрид може еден ден да стане значаен дел од светскиот атлетски календар.   

Би ја искористил оваа можност да посочам на невкусот што и оваа година речиси  секојдневно ни го пласираа најзначајните политички субјекти во градот, преку своите вербални и пишувани пресметки и препукувања, би рекол изживувања.

Соња Рилковска- Канал 5 телевизија

Мене ми е навистина жал но,  и после долго размислување не успеав да се сетам на ниту еден  позитивен настан. Според мене годината која изминува ја одбележаа повеќе негативни случувања. Како најсвеж пример  морам да го издвојам  скандалозното доделување на највисокото општинско признание наградата Свети Климент. Негативно е и тоа што годинава имавме  најслаба туристичка сезона, која долго ќе ја паметат охриѓани. Мора да се сетиме и на  повеќето инциденти кои се случија,  меѓу кои убиството на српскиот турист.  И  не би сакала веќе да набројувам негативности, бидејќи во овие празнични мигови вистински   недостига малку оптимизам. Да се надеваме дека  новата 2011 ќе биде поубава од годината која ја испраќаме.

Нина Кепеска- А1 телевизија

За моето и живеењето на повеќето граѓани на Македонија, која за нашиот подобар живот не направи ништо изминативе 20 години од нејзината самостојност, за жал 2010 е уште една година кон нашето назадување. Во оваа година не живеевме ниту подобро, ни побезгрижно, ни покомотно, ниту поуспешно како држава, туку напротив уште посиромашно, поскапо, со повеќе нерешени проблеми и грижи и без перспектива и реална надеж за порозова иднина. Во ваква општа апатија, малодушност и темнина, мојот личен успех на професионален план, каде како вистинска реткост во 2010 два пати како новинар за само четири месеци бев на Австралискиот континент, чувствувајќи ја уникатната посебност на различната енергетска состојба на другата страна од светот, на јужната хемисфера и личниот напредок во моето дообразување и спојување на медиумската практика со науката, ги чувствувам како единствени, но големи и вредни позитивни настани што ми ја одбележаа 2010. Без лажна скромност, за мене ова беше година кога  покажав дека човекот со свој труд, капацитет и упорност може да му се спротивстави на општиот тренд со кој не се согласува, и дека кога нешто навистина се сака, тоа се остварува, а резултатот е личната среќа и поубав живот.

Сашо Нелоски- МТВ

2010-та беше година која охригани ќе сакаат што поскоро да ја заборават. Година на тешка економска криза, со убедливо најлоша туристичка сезона во изминативе 3 децении и со безброј пресови и соопштенија на политичките партии, кои секојдневно ги вадеа валканите алишта пред граѓаните.Година во која на нејзиниот почеток се соочивме со опасноста да ни биде поплавен градот,а која заврши слично како и лани- со скандал при доделуванјето на највисоките општински признанија.

Сепак се чини дека најнегативен настан во 2010 година беше убиството на српскиот турист, Дејан Новаковик.Тоа е настан кој стави црна дамка врз градот . И покрај тоа што почетокот на јубилејното 50-то издание на Фестивалот “Охридско Лето” беше засенет со смената на директорот,сепак сметам дека оваа најголема манифестација во земјава без конкуренција беше најзначајниот настан во Охрид,во годината што измина.
 
Сандра Стошиќ- НТВ телевизија

Негативен настан кој ја одбележа годината која измина според мене е убиството на српскиот турист Дејан Новаковиќ. Уште позагрижувачки е фактот што судските инстанци на најдоја за сходно да го расветлат случајот, туку и лицата кои беа инволвирани во него се на слобода.       

Што се однесува на позитивните настани, размислувам и се фаќам во стапица. Навистина не сум во состојба да издвојам барем еден  таков. Сепак, ќе речам дека Охрид може и треба да биде горд на јубилејното 50-то издание на фестивалот Охридско лето. Градот беше домаќин на звучни имиња, реномирани дејци од областа на уметноста кои светот ги почитува и им оддава почит. Се надевам дека таа традиција ќе продолжи со тенденција за поголеми успеси.

Лионела Јаковлева- ТВМ

Не би можела да издвојам ниту еден позитивен настан од изминатата година. За жал, повеќе ги има негативните. Убиството на српскиот турист- го издвојувам како најнегативен настан.

Сузана Вреноцоска- Вечер

Убиството на младиот белграѓанец во сред центар на градот ќе не потсетува на изминатата 2010 година.

Кога правам анализа на случувањата и оваа, како и минатата година, за жал преовладуваат негативните настани. Оние добрите како и да не се случиле или воопшти не оставаат простор да бидат така класифицирани. И годинава, наградата Свети Климент која треба да биде гордост за сите нас се претвори во скандал и мислам дека нема да згрешам ако речам дека заслужено го доби епитетот -негативен настан.

Негативно ја оценувам и скромноста која Локалната ја презентира токму за дочекот на Нова година на градскиот плоштад. Годинава за мене ќе остане запаметена и по големата загуба на мојот драг пријател колега, но и учител Никола Манески кој несебично години наназад ми го пренесуваше своето знаење, човек кој несомнено беше  на врвот на охридското новинарство, притоа толку едноставен, обичен и голем пријател.

Доколку нешто би издвоила од  убавите случувања тоа би било роденденот на Охридско Лето- 50 години успешно работење.  

Елена Ефремоска-Дневник

Се надевам дека поголемиот дел од моите колеги ќе се согласат  дека најголем број негативни новинарски прилози во 2010-тата  објавивме  за зголеменото ниво на Охридското Езеро. Почнувајќи со поплавите во Пештани, поставуавањето на насипи на кејот, прелевањето на пумпните станици од колекторот и со голем број политички пепукувања, Охрид околу два месеци беше топ тема на сите медиуми. Како негативни настани кои оставија негативен печат на изминатава година се и педофилскиот скандал на диригентот Михаил Плетњов кој во најмала рака го засени отварањето на јубилејното Охридско лето и бруталното убиство на српскиот турист Дејан Новаковиќ, со што заврши и една од најслабите туристички сезони во Охрид.

Несомнено најпозитивен настан кој беше на најавните шпици на сите телевизиски вести и на насловните страници на сите дневни весници е првата венчавка под вода во Македонија, во која  четириесетгодишниот скопјанец  Анте и неговата шест години помлада сопруга Катерина, судбоносното „да“ го кажаа на три метри длабочина во Охридското Езеро.  

Се надевам дека во 2011 година ќе пишуваме за многу поведри настани и дека во вестите од Охрид ќе  преовладуваат позитивните работи.

Т.Кувенџиска