Света чест за секој муслиман е барем еднаш во животот да тргне на аџилак во светите Мека и Медина (Саудиска Арабија) и таму да го направи исламскиот обред Хаџ.

Од Охрид оваа година (поточно од декември минатата) заминале 21 аџија, кои се вратиле на 9-ти овој месец.

Секретарот на муфтиството на ИВЗ (Исламска верска заедница) во Охрид, Газмент Хода не` информира дека сите аџии имале успешен аџилак, дека се вратиле задоволни, а по извршените прегледи и вакцинации се во добра здравствена состојба.

Аџиите од Охрид кои биле во Мека се на возраст од 30 до 67 години.

Хода уште не` информира дека ИВЗ од Охрид ќе побара од Министерството за култура на Македонија средства за обнова на некои споменици на културата со исламски предзнак, бидејќи според него, државата не вложила ниту денар во овие објекти од кои некои се постари од 400 години.


Мека

Што се однесува до процесот за денационализација на одземеното земјиште, Хода вели дека се во тек неколку процеси и ИВЗ има побарувања за неколку локации (на пр. „Имарет“) и секоја „педа“ вратена земја ќе биде добредојдена.

С. Костоски