Историјата на човештвото без книгата и напишаниот збор, што како љубов се пренесувал низ вековите, ќе личеше на пустина. Патот меѓу осамата, во која се пишуваат книгите, и колективната илузија дека „убавината ќе го спаси светот“ е бескрајно долг и неизвесен…

Македонија е земја во која книгата остварила одисеја долга повеќе илјадалетија, и ние имаме свој дел во рајските полици на незаборавот, напиша писателот Јордан Плевнеш во овогодишната македонска порака по повод Свескиот ден на книгата и авторското право – 23 Април.

Тој додава дека Конвенцијата на УНЕСКО за културните разлики, потпишана од над 150 земји во светот, меѓу кои и од Република Македонија, предвидува дека ќе се пишуваат нови книги на сите 6.703 регистрирани јазици расфрлени по меридијаните, кои нема да исчезнат под заканите од шокот, а и натаму ќе веруваат во дијалогот на цивилизациите.

Генералниот директор на УНЕСКО Коичиро Мацура во светската порака истакнува дека нема развој на книгата без авторското право и додава дека одбележувањето е двојно: потсетува на важноста на моралната заштита и заштитата на културното наследство на духовните дела и на нивните создавачи. 

Денот на книгата се празнува 12 години. Одбележуввањето на 23 Април е иницирано од УНЕСКО и на тој ден во целиот свет се поттикнуваат читањето, издавачката индустрија и заштитата на интелектуалната сопственост преку авторското право. 23 април има голема симболика за универзалната литература. Во 1616 година на тој ден починале Мигел де Сервантес и Вилијам Шекспир, и затоа е избран како ден на кој ќе се почитува книгата и придонесот на творците во социјалниот и културниот прогрес.

Од 2001 година, на иницијатива на издавачите во Мадрид, УНЕСКО воспостави нов начин на одбележување на книгата, со прогласување “светска метропола на книгата” и избор на најдобрите програми за поддршка на изданијата.