Советниците на денес одржаната 23-та седница на советот, со мнозинство гласови ги усвоија предлог одлуките за давање согласност за усвојување на годишниот план за вработување во јавните претпријатија: Градски гробишта, Градски пазар, Охридски комуналец, Нискоградба и МЈП „Проаква“ Водовод Охрид за 2019 година.Со тоа, во наредниот период околу 70 лица ќе добијат решенија за работа на неопределено работно време во овие јавни претпријатија.

Според ВМРО ДПМНЕ станува збор за партиски вработувања кои не се оправдани, а кои се вршат поради претстојните локални избори.

  • Во ЈП Охридски комуналец се предвидени 40 вработувања, од кои 16 унапредувања. Јас тврдам дека ваквите вработувања не се оправдани. Со тоа околу 100.000 евра се трошат и дополнително се оптоварува претпријатието. Наместо со тие пари да се набават нови возила за чистење на снегот и отпадот, се набавуваат стари возила со сомнителни спецификации или техничка состојба. Факт е дека на комуналец толку работници не му се потребни, а уште посимтоматично е што локалните избори се пред нас. Ова го разбирам како уцена, односно заложништво на сите тие луѓе кои сакаат да си го бараат парчето леб. Доколку сте чесни и искрени, тогаш отворете ги конкурсите после изборите, рече координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков.

На ваквите обвинувања одговори директорот на ЈП Охридски комуналец, Љупчо Грданоски, кој рече дека не станува збор за никакви партиски вработувања, туку за трансформирање на работниот однос.


Тоа се лица кои веќе работаат со договори на определено време. Со оваа постапка ќе добијат решенија за работа на неопределено работно време. Унапредувањата ги предвидуваме со систематизацијата, што не значи дека ќе ги реализираме, рече директорот Грданоски.

  • Со домаќинско и одговорно работење на менаџментот на претпријатието се создадоа услови за овие работни места да се трансформираат во редовен работен однос. Значи не станува збор за никакви нови вработувања. Зашто обвинуваат за партиски вработувања, кога пред година и 3 месеци на сите луѓе кои ги најдовме со договори им дадовме решенија и никого не избркавме од работа од општинската администрација, изјави градоначалникот Георгиески.

На денешната седница од дневен ред беа отстранети точките поврзани со преземањето на дел од селските водоводи под МЈП Проаква Водовод Охрид. Советниците донесоа одлука за усвојување на иницијативата за развивање на трет локален еколошки план (ЛЕАП) и формирање на Управен комитет за ЛЕАП за подрачјето на Општина Охрид. Беа донесени одлуки за разрешување и именување на членови на Училишниот одбор на СОСУ “Св.Кирил и Методиј“, како и годишната програма за поставување на урбана опрема и висината за надоместок. Од урбанистичката сфера беа изгласани тринаесет одлуки за донесување на урбанистичко–планска документација, за вклопување на бесправно изградени објекти на територијата на Општина Охрид.

Т.К.