Милчо Јованоски, виш библиотекар во НУ Библиотека “Григор Прличев“ во Охрид (од јавните библиотеки) и Ленче Славковска од ООУ „Наум Наумовски Борче“ (од училишните библиотеки) го добија признанието библиотекар на годината „Павлина Цунева Маказлиева“ кое се доделува по шести пат во заедничка соработка на ЛУБ „Благој Јанков Мучето“ од Струмица и „Просветно дело“.

Според Ксенија Маказлиева -Трајчева, уредник на „Просветно дело“, признанието има за цел да покаже каков треба да биде библиотекарот и какава е неговата креативна улога во развојот на оваа професија која одамна не е само издавање книги, туку многу повеќе од тоа.

Директорката на струмичката библиотека, Васка Кирова, во обраќањето истакна дека библиотеките не се само простори исполнети со книги, туку и центри на културата, образованието и духовниот развој во кој се среќаваат минатото и сегашноста.

По доделувањето на наградите се одржа советување на тема „Читањето во ерата на екраните – битка помеѓу алгоритмите и книгата”, на кое со свои трудови учествуваа професори и библиотекари.

Од Охрид свои трудови презентираа: м-р Милчо Јованоски од НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид на тема: „Библиотеките поблиску до медиумите и јавноста“ и Лила Каранфилоска од ООУ „Св. Наум Охридски“ „Осумте децении печат за деца во Македонија – улогата на Росица, Другарче и Развигор во одделенската настава“.

Доделувањето на признанијата и советувањето се одржаа по повод 1 Јуни – Меѓународниот ден на детето и 10 Јуни – Меѓународниот ден на почеток на летни читачки кампањи, а во рамките на одбележување осум децении од излегувањето од печат на првото списание за деца и првиот буквар на стандарден македонски јазик.

OhridNews