Охридското основно училиште Братство Единство одбележува 70 години работа. Низ годините во ова училиште завршиле многу успешни генерации кои во земјава и светот успешно ги извршуваат своите професии. Поради состојбата со коронавирусот, годинава, училиштето нема да го прослави својот патронен празник на вообичаениот начин, во присуство на бројните ученици и наставен кадар.

  • На 25 Мај, Денот на младоста и Денот на братството и единството, нема да се слуша детската смеа и играта низ училиштето. Причината е „Невидивиот непријател“ КОВИД-19 поради кој се затворија училиштата. Наставниците и учениците се соочија со т.н. далечинско учење, а нашето училиште беше првото во градот кое преку креирање на соодветна интернет-страница им овозможи на учениците лесен пристап до материјалите за секој наставен предмет. Во текот на првото полугодие, како и во почетокот на второто полугодие нашите ученици покажаа високи резултати по различни предмети, поттикнати од нивните наставници, а успесите ќе беа уште поголеми доколку наставниот процес продолжеше да се одвива во нормални услови. Надежта е таа која ни дава сила, волја и верба да истраеме. Нека ни е честит овој ден!, порачуваат од училиштето.

Раководството на училиштето упатува честитка по повод големиот верски прзаник Рамазан Бајрам до сите припадници на муслиманска вероисповед. „Да не го заборавиме и чествувањето на 24 Мај–Денот на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј кои се основачите на првата словенска азбука и создавачите на словенската писменост, додаваат од училиштето.

OhridNews