Денешната 29- та седница на советот на општина Охрид започна со барање на директорката на јавното претпријатие „ Охридски комуналец“, Елена Скрческа за јавно извинување на советникот Дејан Блажески поради упатени навреди. Како што беше изнесено во барањето прочитано од претседателката на советот, Гордана Коњановска, навредите биле изнесени на вчера одржаниот состанок на комисијата за финансии и буџет. Следуваше реакција од Блажески кој рече дека според деловникот, претседател на совет нема право да бара извинување од советник, за надворешни лица.
– Ниту еден претставник од јавното претпријатие не беше навреден од мене. Доказ за ова се записниците кои ќе ги приложам кога ќе ги добиеме, затоа што откако ги преместија службите од советот во друга зграда не можеме денеска да ви ги доставиме записниците од вчерашната комисија. Како моја потврда се и изјавите на двете записничарки кои сами и кажаа на претседателката на советот дека нема ниту една лична навреда упатена од моја страна до директор на ЈП“, изјави советникот Дејан Блажески.
Голем дел од точките на дневен ред на седницата се однесуваа на извештајот од работењето и остварените резултати на јавните претпријатија во периодот од 1 април до 30- ти јуни годинава, како и годишните извештаи за работа на образовните установи во општината.
– Генерално е дека имаме најдобри ивештаи на ЈП. Тие се во сериозна добивка, самостојно ги подмируваат сметките, така да апсолутно сме задоволни од нивната работа и ивештаите. Ова покажува дека посветената работа на градоначалникот и стручните служби и давањето на задачи на ЈП , а не на приватни фирми вроди со плод. Образовните институции успеавме да ги стабилизираме. Подготвени се за новата учебна година, рече секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.
Советниците од опозицијата гласаа против извештаите.
– Она што со сигурност може да го кажеме како опозициона советничка група е тоа дека ние веќе 10 дена упорно ги бараме одредени податоци според кои би можеле заокружено да дадеме оценка за работењето на јавните претпријатија и за охридските буџетски корисници – основните и средните училишта. Еве 10 дена и на барањето на советникот Лазареска и на мое писмено барање да ни бидат доставени к2 и к3 обрасците , за задолжувањето на комуналните претпријатија и м1 и м2 обрасците потпишани од страна на локалната самоуправа за задолжувањето и неисплаќањето на обврските , сеуште тие податоци ги немаме. Во ваква ситуација немаме друг став освен да гласаме против овие извештаи, рече координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојановски.
Денес пред советниците беа и предлог одлуката за измена на распоред на средствата во Буџетот на општина ЕЛС Општина Охрид 2014 година, за субвенционирање на трошоци за комунални услуги како и низа предлог одлуки од областа на урбанизмот.
Т.К.