Просечната оценка на учениците од екстерното тестирање спроведено минатиот месец е 3.39, соопшти денеска министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Како што инфофрмира ресорниот министер, најдобри резултати покажале матурантите од СУГС “Раде Јовчевски – Корчагин“ од Скопје, СОУ “Јосип Броз Тито“ Битола, средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ Скопје, СУГС “Орце Николов“ Скопје и СОУ „Гоце Делчев“ од Куманово.
„Исклучително сум задоволен од текот на имплементацијата на екстерното тестирање на учениците од завршните години во средните училишта. Нашиот следен предизвик е спроведувањето на екстерното тестирање на крајот на учебната година за сите други ученици. Посветени сме на подготовката на сите услови од процедурална и техничка природа бидејќи, сепак, овој процес ќе опфати многу поголем број ученици“, рече министерот Ристовски.
Резултатите од екстерното тестирање, денеска по 13 часот ќе бидат доставени до сите училишта, а од понеделник до среда учениците ќе можат да се достават приговори до училишната комисија.
Конечната одлука по однос на приговорите е во надлежност на Државниот испитен центар. Учениците кои од оправдани причини не полагале еден или двата предмети, ќе бидат тестирани под исти услови како и останатите, но нема да ги полагаат претходно одредените предмети. Три дена пред почетокот на дополнителната сесија ќе бидат известени по кои ќе бидат тестирани.
Инаку, со екстерното тестирање беа опфатени 21 854 средношколци во завршните години од 96 училишта. 315 од нив не полагале ниту еден предмет, а 416 биле тестирани само по еден. Од вкупно 41 852 тестови, негативни оценки има за 2 596.
OhridNews