Спасителите на вода на Црвен крст Охрид, од денеска се присутни на 70 отсто од плажите издадени под закуп на охридската ривиера. И покрај законските обврски оваа година речиси третина од концесионерите немаат ангажирано спасители на вода, а од Црвениот крст се надеваат дека надлежните институции ќе го санкционираат таквото однесување.
– Дел од плажите забушанти се уште забушаваат и се надевам дека надлежните институции ќе преземат мерки и ќе ги ангажираат сите свои ресурси за да го спроведат законот на сите плажи и онаму каде што има концесионер, но и онаму каде што нема, а има капачи, изјави Сашо Точков претседател на Црвен крст Охрид.
Спасувачките тимови минатата година на охридските плажи успешно спасија 12 давеници и имаа преку 200 други интервенции. Од ова лето мобилните тимови на Црвениот крст ќе бидат дополнително опремени со дефибрилатори, со цел зголемување на безбедноста на посетителите а плажите.
Aктивностите на спасувачките тимови на Охридското Езеро ќе бидат координирани од Центарот за безбедност на вода на Црвениот крст кој од вчера функционира на плажата „Горица“.