Од први април до 23 септември во државава регистрирани се вкупно 2.012 пожари на отворен простор, при што приведени се вкупно 56 лица, а по преземени мерки поднесени се 32 кривични пријави, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Најголемиот број на настанати пожари е утврдено дека се предизвикани од човечки фактор, со различни мотиви и се преземаат мерки и активности за расчистување на случаите и откривање на нивна евентуална меѓусебна поврзаност, посочуваат.
Воедно посочуваат дека од први јули откако е воведена забрана за движење во шуми, до 23 септември без писмено одобрение за движење во шума, биле затекнати 27 лица.
Против истите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци по Закон за шуми. Во насока на рана превенција од пожари, полициските служби употребуваат дронови за мониторирање на шумските појаси на територијата на државата. Со воведувањето на овие оперативни мерки зголемена е ефикасноста во делот на раното предупредување и лоцирање на евентуалните пожари, како и детектирањето на можните причини или причинители на истите, додаваат од МВР.
OhridNews