Грција ќе руши илјадници дивоградби, изјави денеска грчкиот премиер Алексис Ципрас откако беше проценето дека илегално изградените објекти биле причина поради која стотици луѓе останаа заробени по патиштата и во своите домови за време на големите шумски пожари во регионот Атика, во близина на Атина.

Ципрас, чија Влада се соочи со низа критики дека за време на пожарите не реагирала доволно брзо, рече дека рушењето на 3 200 објекти во Атика ќе почне веднаш, и истото ќе биде проширено и кон Атина.

Грција пред еден ден направи промена на началниците на полициските сили и противпожарната бригада по неодамнешните пожари во кои животот го загубија најмалку 91 лице.

Функцијата на челниците на двете служби ја презедоа нивните заменици, соопштија вчера од премиерскиот кабинет.

Грчките власти исто така соопштија дека 36 лица, меѓу кои и еден малолетник, и понатаму се во болница. Меѓу нив, шест се во критична состојба.

OhridNews

Макфакс