Генерацијата приватни специјализанти 2018 со отворено писмо до премиерот Зоран Заев, како што велат, бидејќи вистината треба да има што повеќе сведоци. Како една од причините за обраќањето го наведуваат изјавеното од страна на премиерот на панел дискусија организирана од повеќе асоцијации на специјализанти, како и од министерството за здравство и Владата на Република Македонија на ден 11 јуни 2018 година, кога Заев ветил дека од јуни плата ќе добиваат и оние кои се пријавиле на конкурсот во јануари годинава.

– Истото беше ветено и на ден 11 мај 2018 година од страна на министерот за здравство, по одржната прес конференција, коганашата генерација на приватни специјализанти со голема доверба пристапи кон ветеното. Тогаш министерот изјави:“Вие сте најкреативниот дел од нашето општество, Вие мора да останете во оваа земја, Вие сте иднината и на нашето здравство и на медицината. Од месец јуни ќе се исплати мајската плата како што земаат и другите специјализанти, а дополнително работиме и на решавање на другите Ваши барања”. Од првата организирана прес конференција на 11 мај 2018 година поминаа речиси три месеци, а од дебатата на која присуствуваа повеќе десетици млади доктори и пред сé, приватни специјализанти, речиси два месеци, но трага од платите нема!, се наведува во писмото.

Во писмото се додава дека во меѓувреме се оствариле повеќе работни средби со работната група на министерството, по што целата документација и процедура за подготовка на списоците на приватните специјализанти биле конечно комплетирани.

  • Сé беше подготвено за да се испрати до фондот за здравствено осигурување од каде беше потребно да се одобрат средствата и истите да се распределат на соодветните клиники и институти. Подоцна на наше инсистирање добивме информација дека буџетот за исплата на нашите веќе ветени плати всушност не постои!Односно истиот допрва треба да биде разгледуван на седница на Влада.Исто така да напоменеме дека постарите генерации на приватни специјализанти веќе добиваат плата за истиот труд и со истите потпишани договори. Сето ова ни говори дека процесот е сé уште на самиот почеток, а се добива впечаток дека една цела генерација на млади доктори е подлегната на дискриминација и тотално изиграна. Денес кога се почесто среќаваме наслови од типот:дури 86% од дипломираните студенти-лекари сакаат да заминат од Македонија, како и речиси секој студент на медицински науки паралелно со студиите изучува и германски јазик, кои секојдневно се пласираат во јавноста се прашуваме зошто Владата на Република Македонија, а пред се Вие како премиер оставате 92 млади доктори на медицина без никаков паричен надоместок во највулнерабилниот период од нивните животи! Со максимална девалвација на трудот кои го вложуваат секојдневно на клиниките и институтите каде што ја извршуваат својата дејност!, велат специјализантите.
    Прашуваат кој е планот на владата и како младите да останат во Македонија, работаат и формираат семејство.
  • Во името на добрата и квалитетна иднина на македонското здравство Ве замолуваме најодговорно да се држите до она што го ветивте пред целата јавност, а тоа е да ги исплатите заостанатите плати од месец мај 2018 година за приватните специјализанти од јанурскиот конкурс годинава и тоа најдоцна до крајот на месец август 2018!Напоменуваме дека пред нас претстои тежок финансиски период. Имено, за веќе две недели нé очекуваат трошоци поврзани со уписот на новиот семестар во висина од 67,500 до 80,000 денари поединечно. Не сакаме да веруваме дека ентузијазмот со кој пристапивме и довербата која ја посветивме кон вашето ветување всушност биле залудни. Затоа уште еднаш Ве замолуваме, да ја искористите Вашата позиција и да овозможите правичност и еднаквост за сите доктори на приватна специјализација. Сѐ што бараме е уште една можност за да се исправат грешките и да ставите крај на деградацијата на докторската фела. Молиме за итно решавање и актуелизирање на овој проблем! Денес, кога миграцијата станува сé полесна, важно е да напоменеме – младите не бегаат од државава, младите се принудени да си одат! Не предизвикувајте нé на смели чекори кон светот во кој ќе бидеме вистински ценети и почитувани и каде нема да се лицитира со вложениот труд и нашето трпение. Плата мора да има за сите приватни специјализанти. Друга опција не прифаќаме!, се вели во писмото до премиерот Заев.

OhridNews