Голем пожар го зафати Националниот музеј во Рио де Женеиро, еден од најстарите музеи во Бразил кој постои 200 години, при што се уништени огромен број артефакти–од археолошки пронајдоци до историски документи.

„Уништената зграда и колекцијата е непроценлива загуба за Бразил”, соопшти претседателот Мишел Темер. Тој додаде дека денеска е трагичен ден за Бразил, бидејќи 200-годишната работа, истражувања и знаење се изгубени.

Засега нема податоци што се изгорело во пожарот, а нема информации ниту за жртви и повредени во огнената стихија. Телевизиските снимки за пожарот, кој избувнал синоќа откако музејот бил затворен за посетители, покажуваат дека тој зел замав во текот на ноќта. Огнот започнал околу 19.30 часот и се уште не се познати причините за тоа.

Музејот е формиран во 1818 година и во него се наоѓаат неколку клучни колекции, вклучувајќи ја египетската колекција, грчко-римските артефакти, палеонтолошката колекција во која се наоѓа и костур на диносаурус пронајден во регионот на Минас Гераис, како и најстариот човечки фосил пронајден во Бразил.

Музејот вкупно поседува повеќе од 20 милиони вредни предмети.

Потпретседателот на институцијата, Луиз Дуарте изјави дека музејот со години бил запоставуван.

„Никогаш не сме добиле ништо од владата. Неодамна го завршивме договорот со државната банка за развој за голема инвестиција, со цел конечно да ја обновиме палатата, и она што е иронично планиравме да инвестираме во систем за заштита од пожари”, изјави тој.

OhridNews

Макфакс