Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ поднесе писмо до Комитетот за светско наследство, поддржано од 18 македонски и 15 албански организации, со апел за впишување на Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност. Триесет и четири организации од двете страни  на светското наследство се длабоко загрижени за состојбата на Охридскиот Регион, која е директен резултат на управувањето со наследството од страна на локалните и централните власти на двете држави.

„За жал, алармот во 2019 година не ги разбуди нашите влади, и дополнителното време кое го
добија од Комитетот за светско наследство за да ги спроведат препораките и неопходните мерки за заштита го искористија за нови планови за урбанизација, поволности за нелегалните градби маскирани со неколку симболични отстранувања на привремени конструкции, продолжување на неефикасното управување и неефикасната законска заштита, прекршувања на постоечките закони, чекори кон реализација на плановите за Коридор 8 без никаква анализа на алтернативни рути, празни и чисто формални одлуки кои навидум ги спроведуваат препораките, а во реалноста овозможуваат продолжување на уништувањето, итн  – се вели меѓу другото во апелот до Комитетот.


Она што особено ги загрижува потписниците на писмото е продолжувањето на процесите за урбанизација дури и по многу сериозното предупредување на Мисијата од јануари 2020 година дека „тековните и планираните модификации забрзано ја водат веќе ранливата состојба до точка по која нема враќање“.

 

Сите урбанистички планови иницирани по мисијата во 2020 година и сите неспроведени, а неопходни активности (како проценка на влијанието врз животната средина на дивоградбите и рушење на објектите со негативно влијание) недвосмислено покажуваат дека нашите локални и централни власти продолжуваат по истиот пат кој го доведе светското наследство во сегашната лоша состојба, целосно свесни дека тоа е пат кој води до можно неповратно губење на непроценливо богатство кое му припаѓа на целиот свет и сите идни генерации“ – е ставот на здружението „Фронт 21/42“.

Одлуката за природното и културното богатство на Охридскиот регион, подрачје кое се протега на територијата на Северна Македонија и Албанија,требаше да биде донесена денес, но комитетот на УНЕСКО останува утре да ја разгледа оваа точка од 44 сесија и да донесе одлука дали регионов ќе биде на листата на Светско наследство во опасност.

 

 

OhridNews