Македонија денес има помалку жители, се раѓаат значително помалку деца, природниот прираст е негативен, а населението старее. Демографските промени се меѓу највпечатливите процеси што ја одбележаа земјата во 35-те години независност, покажуваат податоците од јубилејната публикација на Државниот завод за статистика.

Истите процеси јасно се гледаат и во Охрид. Последниот попис регистрира 51.428 жители во Општина Охрид, додека виталната статистика покажува дека бројот на починати веќе значително го надминува бројот на родени. Во исто време, градот и општината имаат голем станбен фонд – 33.660 станови на 18.368 домаќинства.

Дополнителен контраст дава соседна Струга: додека Охрид бележи изразено негативен природен прираст, Струга во последните достапни годишни податоци има повеќе родени отколку починати.

Од над два милиони до денес

На почетокот од независноста Македонија имаше повеќе од два милиони жители. Денес демографската слика е значително променета.

Процесот не се сведува само на намалување на вкупниот број жители. Во изминатите три и пол децении се менува и старосната структура, има помалку деца и млади, а расте уделот на повозрасното население.

Последниот Попис од 2021 година утврди 1.836.713 резидентни жители во земјата. Државниот завод за статистика ја оценува старосната структура како процес на демографско стареење.

Особено загрижува природното движење на населението. Во 2025 година во Македонија се родиле 15.850 деца, а починале 20.287 лица. Само по природен пат, како разлика меѓу родените и починатите, земјата за една година има минус од 4.437 лица.

Негативниот тренд продолжува и во 2026 година.

Сè помалку деца, сè повозрасно население

Една од најголемите промени во изминатите децении е падот на наталитетот.

Намалувањето на бројот на родени веќе директно се одразува и врз образовниот систем, со помал број ученици во основните и средните училишта. Истовремено се зголемува релативното учество на постарите возрасни групи.

Тоа значи дека демографскиот проблем повеќе не е само прашање колку жители има Македонија, туку и каква е нивната старосна структура и какви последици тоа ќе има врз пазарот на труд, пензискиот и здравствениот систем, образованието и економскиот развој.

Охрид: 399 родени, 621 починат

На локално ниво бројките уште појасно ја покажуваат тежината на демографските промени.

Во Општина Охрид во 2024 година се регистрирани 399 живородени деца и 621 починато лице.

Тоа е негативен природен прираст од 222 лица за само една година.

И претходната 2023 година била негативна – 427 родени наспроти 612 починати, односно природен прираст од минус 185.

Збирно, за само две години во Охрид се родиле 826 деца, а починале 1.233 лица. Разликата е 407 лица.

Или, сликовито кажано, во 2024 година на секои 100 родени деца во Охрид имало околу 156 починати лица.

Ова, сепак, не значи дека населението автоматски се намалило за толкав број, бидејќи врз конечната бројност влијаат и миграциите, доселувањето и отселувањето.

Помалку жители, но голем број станови

Посебно интересна димензија на демографската слика на Охрид даваат податоците за домувањето.

Според Пописот од 2021 година, Општина Охрид има 51.428 жители и 18.368 домаќинства, но истовремено се евидентирани дури 33.660 станови.

Тоа се околу 1,8 стана на едно домаќинство.

Самиот податок не значи дека сите дополнителни станови се празни. Дел се користат повремено, како втор дом или викенд-живеалиште, а во туристички град каков што е Охрид дел од станбениот фонд е поврзан и со туристичката функција на градот.

Но, бројките отвораат интересно прашање за идниот развој на Охрид: како паралелно со демографското намалување и стареењето на населението се менуваат станбениот фонд, урбанизацијата и користењето на просторот?

Контрастот е уште позначаен ако се има предвид дека станбената изградба во Охрид продолжува.

Охрид во минус, Струга во плус

Интересна демографска слика дава и споредбата со соседна Струга.

Во 2024 година во Струга се регистрирани 475 живородени и 416 починати лица, односно позитивен природен прираст од 59 лица.

Една година претходно, во 2023, Струга исто така била во позитивната зона – со 483 родени и 472 починати.

Така, две соседни општини од истиот регион покажуваат различни демографски движења: Охрид две години по ред бележи значително повеќе починати од родени, додека Струга има позитивен природен прираст.

Разликата отвора простор и за подлабока анализа на старосната структура, миграциите и другите демографски карактеристики на двете соседни општини.

Демографијата како еден од најголемите предизвици

Бројките од 35 години независна Македонија покажуваат дека демографските промени се долгорочен процес. Земјата не само што има помалку население, туку се менува и неговата структура, се раѓаат помалку деца, населението старее, а природниот прираст е негативен.

Охрид е јасен пример за тие процеси.

Токму затоа статистиката не зборува само за тоа колку нè има, туку и за тоа каков Охрид и каква Македонија ќе имаме во децениите што следуваат.

Г.М.