Викенд гужвата стивна. Голем број гости кои продолжениот празничен викенд престојуваа на ривиерата, вчера попладне и вечерта си заминаа од Охрид. На излезите од градот кон Битола и Скопје имаше колони автомобили, а поради тешката сообраќајна несреќа што се случи синоќа помеѓу селата Ботун и Климештани, сообраќајот на магистралата Охрид – Кичево извесен период беше во застој.
Од градската автобуска станица покрај редовните дваесетина, вчера од Охрид кон други градови во земјата се упатиле 35 вонредни автобуси, од кои речиси половината на „Галеб“ Охрид.
Нов голем бран туристи Охрид очекува и следниот викенд, кој многумина ќе го спојат со рамазанските празници.