
Филмовите „Митот на Сара” на Саша Станишиќ, „Играта заврши” на Зоран Мишевски, „Крајот на светот” на Јани Бојаџи и „Народен фронт 22” на Иван Ивановски се оние кои ќе ја претстават Македонија оваа година. Прикажувањето на македонските филмови во Холандија е реализирано во соработка со македонскиот филмски фонд. Специјален гостин на проекцијата на филмовите е Димитар Николов, продуцент на филмот „Митот на Сара.”
„Источни соседи е огледало на моменталните случувања и достигнувања во земјите од регионот, презентирани преку филмската продукција. Програмата предвидува 32 филма од кои 80% се холандски премиери и тоа е атрибутот на овој фетсивал. На овој начин локалната и интернационалната публика во Холандија се запознава со културата од овие земји, а со тоа станува многу полесно исите да се афирмираат како нови дестинации“.-изјави организаторот на фестивалот Александар Велиновски.
Оваа година во фокусот на програмата е албанскиот режисер Кујтим Чашку. Огромен интерес кај публиката предизвикуваат и хрватскиот филм „Канибал вегатеријанец” во режија на Бранко Шмит, филмот „Смртта на еден човек на Балкан” во режија на Мирослав Момчиловиќ и документарниот филм „Оркестар” на Пјер Жалица. За овие филмови картите се распродадени во рекордно време.
Хаг е одличен град за овој тип на манифестации поради голем број на интернационално ориентирана публика. Филмхаус и Нутсхаус се двете еминентни институции каде годинава по петти пат се одржува „Источни Соседи”, фестивал кој целосно е посветен на филмови и современа култура од источна и југоисточна Европа.
Дел од програмата на „Источни соседи” се прикажува и во Зевенар, Делфт, Амстердам и Аалст (Белгија).











