-Секој јубилеј е чест, гордост, но и голема обврска, едноставно мора да бидеме достојни на оние кои што ги наследуваме и да бидеме во склоп на една традиција која не само што треба да ја почитуваме, туку и да ја надоградуваме.-истакна деканот на ФТУ – Охрид, проф. д-р Сашо Коруноски.
Тој истакна дека Факултетот за туризам има извонредни кадри и привилегија е за нив да делуваат во градот на писменоста. „Има подобри времиња, а понекогаш доаѓаат и понемирни времиња, но се трудиме да бидеме достојни на задачата да го продолжиме аманетот на Св. Климент, да образуваме и да воспитуваме кадри како што тој тоа го правел“, додаде д-р Коруноски.
Професор д-р Науме Мариноски, еден од најискусните во ФТУ-Охрид за големиот јубилеј ја уреди Монографијата во која учествуваа сите професори и соработници на факултетот.
-Во Монофрафијата се поместени многу содржини кои упатуваат на тоа дека Факултетот за туризам и угостителство од Охрид е една од најпрестижните образовни институции не само во Македонија, туку и на Балканскиот полуостров, но и пошироко, рече професорот Мариноски.
Според проф. д-р Златко Жоглев, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, чиј составен дел е Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, 40 годишниот јубилеј има посебно значење.
-Овој Факултет е десет години постар од Универзитетот, и е еден од неговите основачи, што само по себе говори за значењето на оваа високо образовна институција, истакна ректорот Жоглев.
Почетоците на Факултетот за туризам и угостителство датираат од 1970 година кога беше формирана Високата школа за туризам во Охрид, која со годините прерасна во респектирана научна институција, вели проф. д-р Лидија Симонческа, продекан за финансии на ФТУ Охрид.
–Факултетот за туризам и угостителство прерасна од виша во високо образовна институција која има шест студиски програми и една заедничка студиска програма со Факултетот за безбедност од Скопје. Годинава во развојот придонесе и новата студиска насока за Диететика, гастрономија и исхрана, која сметаме дека навистина ќе придонесе за развојот на туризмот бидејќи е насочена кон здравствениот туризам и здравата исхрана на што современиот свет денес посветува големо внимание.-посочи професорката Симонческа.
Јубилејот на Факултетот за туризам и угостителство му го честитаа и евроамбасадорот на ЕУ, Ерван Фуере, кој го истакна значењето на науката во развојот на туризмот во Охрид како светски бисер заштитен од УНЕСКО.
Честитки по повод јубилејот упати и градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, кој искажа надеж дека и во иднина ќе продолжи добрата соработка помеѓу општината и факултетот во креирањето на локалната политика за развој на туризмот.
На свеченоста Факултетот за туризам и угостителство на голем број соработници и институции им се заблагодари со скромни подароци, а јубилејот беше одбележан и со коктел кој го подготвија студентите на Гастрономија при ФТУ Охрид.
фото: Емилио