Македонската православна црква-Охридска Архиепископија викендов во манастирот „Св. Богородица“ – Калишта ќе одржи редовен годишен Архиепископски Црковно-народен собор на кој ќе биде одбележан 45-годишниот јубилеј од возобновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква.
На Соборот, како што е најавено, ќе учествуваат делегирани претставници од Епархиските собранија од сите епархии, како и од институциите на МПЦ.
Свое обраќање на Соборот, ќе има поглаварот на МПЦ, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој се очекува да се осврне на процесот на денационализација и враќање на имотот на црквата, како и на грижата за сакралните вредности и современите предизвици за Црквата.
Јубилејот ќе биде збогатен со хиротонија на новоизбраниот епископ Велички, архимандритот Јосиф Тодоровски. Чинот на наречението ќе се изврши попладне во црквата „Св.Пантелејмон и Климент“ на Плаошник, а хиротонијата, на Божествената литургија која ќе биде отслужена на 7 октомври, во катедралниот храм на Охридските архиепископи – „Света Софија“, во Охрид.
Во истиот храм, вечерва ќе биде приредена и Свечена академија посветена на јубилејот на која свое обраќање ќе има и претседателот на државата Ѓорге Иванов.