Санцијата на браната на Слатинско Езеро успешно е завршена благодарение на проектот финансиран од Европската унија, а имплементиран преку програмата за развој на Обединетите нации. Сега преостанува  надлежните институции во државата и општината да го решат проблемот со нараснатата вегетација, со цел Слатинското Езеро повторно да почне да се полни со вода од Мраморечка река.

Земјената брана на Слатинско Езеро која беше изградена во 1963 година попушти во невремето во 2013 година, а е санирана благодарение на програмата на УНДП за санација на штетите од поплавите во Македонија, во рамки на која се опфатени четири брани.

Хидрографскиот проект Слатинско Езеро е од посебно и витално значење за општина Дебрца, бидејќи се работи за воден ресурс кој во иднина има потенцијал да биде искористен како атрактивна туристичка дестинација. Во тие рамки во тек е изработка на Урбанистички план со кој се предвидуваат неколку туристички содржини, а преку Швајцарската агенција за развој обезбедени се средства за изградба на пешачка патека и други содржини на Сластинско Езеро. – истакна градоначалникот на Дебрца Зоран Ногачески.

За целосно да биде решен проблемот со Слатинското Езеро потребно е да се исчисти густата вегетација, што според најавите на министерот за земјоделство Трајан Димковски, ќе се случи оваа есен.

При санацијата на браната извадено е околу 8000 метри кубни воден талог. Преостанува како неопходност да се исчисти бујната вегетација за да  се наполни и профункционира браната која наводнува околу 350 хектари земјоделски површини преку мрежа на канали од земја и бетон во должина од 11 километри. Државата презема обврска преку соодветните институции како што е АД Водостопанство до доцна есен да ги отстраниме овие обраснати шуми, поради кои не се полни максимално браната. – рече министерот  Димковски.

Природата е непредвидлива и станува се понепредвидлива како резултат на климатските промени и треба да бидеме поподготвени да реагираме во такви ситуации, истакна Амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар.

Минатата недела во Охрид го промoвиравме спасувачкиот центар на Црвениот крст за спасување на планина и опасни терени, а денеска сме тука да ја промoвираме реконструираната брана на Слатинското Езеро која што беше оштетена во поплавите. За тоа беа вложени 1,2 милиoни евра. Не е само реконструирана, туку изградена на подобар начин, со цел да биде поотпорна на идните опасности коишти може да ни ги приреди природата. – изјави Жбогар.

Амбасадорката на УНДП во земјава, Нарине Сахакјан, истакна дека реконструкцијата на браната на Слатинското Езеро која беше погодена од природна катастрофа, е направена на начин таа да биде многу поотпорна на непогоди во иднина.

Во реконтрукцијата користевме нови технологии и иновативни идеи, како и нови материјали, што е многу важно при реализација на вакви инфраструктурни проекти. Ова само по себе не е доволно во иднина да се справиме со природните катастрофи. Но  и самите власти да ги одржуваат овие објекти, да имаат знаење и искуство точно да оперираат и да реагираат навремено, за да може да се справат со природните непогоди.  – истакна амбасадорката Сахакјан.

ЕУ и УНДП во соработка со локалната самоуправа работат на уште неколку значајни проекти за заштита на природата во Општина Дебрца. Едниот е Белчишко блато кој има за цел ова природно богатство да добие статус на заштитено подрачје според критериумите на НАТУРА 2000, а вториот е за враќање на реката Сатеска во старото корито, што ќе придонесе за заштита и на Охридското Езеро.

OhridNews