Нема ден да не снема вода за пиење во дел од градот. Секојдневното живеење на граѓаните и туристите е отежнато. На жителите на Лакочереј им се ускратени основните услови за живот преку зачестените проблеми со водоснабдувањето иако навремено ги подмируваат обврските, изјави портпаролот на ОК ВМРО ДПМНЕ – Охрид Перчо Божиноски во изјава за медиумите што ја даде пред зградата на локалната самоуправа.

Оваа Локална власт наместо да ги решава проблемите на граѓаните најпрво ја зголеми цената на водата, а сега ги скрати средствата за изградба на системи за водоснабдување за 4.400.000 денари на сметка на враќање на долговите, рече тој.

Зошто Георгиески дозволи кратење на средствата за водоснабдување за сега жителите да се соочуваат со проблеми? Георгиески да не дозволеше минус 1.000.000 денари за изградба на водоводни линии и минус 300.000 денари за појачување на водоводни мрежи, изградба и реконструкција на резервоари за вода во рурални средини сега жителите немаше да имаат вакви проблеми. Дали Георгиески бил во Подмоље да види како непречистената вода со фекалии се влева директно во езерото од која се шири неподнослива миризба? И сето тоа кај една од пумпните станици на колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро. Доколку навистина се спроведуваат преораките од УНЕСКО треба да се реагира. – истакна Божиноски.

ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш од „Водовод“ да ги реши проблемите со водоснабдувањето во Лакочереј и да им овозможи на жителите непречено снабдување на вода за пиење, додаде Божиноски.

OhridNews