Со финансиска поддршка до 307.500 денари или до 615.000 денари доколку се основа правен субјект од два содружника, невработените лица имаат можност за отпочнување на сопствен бизнис преку програмата за самовработување на Агенцијата за вработување.

Преку оваа програма од Оперативниот план за 2021 сопствен бизнис отвориле 47 лица од Охрид од кои 19 жени. Најголем дел од регистрираните бизниси  се од преработувачката индустрија, трговија на мало, објекти за сместување и градежништво, вели Бојана Стевческа, виш соработник за односи со јавност, комуникација и меѓународна соработка при АВРМ.

Стевческа додадава дека податоците за објавените слободни работни места, покажуваат дека и во услови на Ковид -19 кризата, работодавачите постојано имаат потреба од работници од различни занимања.

Според претежната дејност на работодавачот, најголем број од објавените слободни работни места се кај работодавачи од преработувачка индустија, трговија на големо и трговија на мало и административни и помошни услужни дејности, потоа од дејноста градежништво, објекти за сместување и сервисни дејности со храна, транспорт и складирање, информации и комуникации, стручни научни и технички дејности,  како и во други дејности, вели Стевческа.

Во моментов во тек се мерките од Оперативниот план за 2021 од областа на Економија за грижа, а отворени се јавните огласи за корисници на гарантирана миминална полош за мерката Практиканство, за Обуките за побарувани занимања и за Обуките кај познат работодавач.

Во последна фаза од донесувањето е новиот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година. Истиот е креиран согласно потребите на невработените лица и работодавачите и во предвид е земена ситуацијата предизвикана од КОВИД кризата. Тој ќе претставува поддршка за невработените лица, бизнис секторот и стопанството во целина, додава Стевческа.

Н.С.Ј.