Во Влашка маала во Охрид, каде што живееше Антонио Савевски, се изработува мурал со неговиот лик, во знак на почит и траен спомен на младиот кошаркарски тренер и голем вљубеник во спортот.
Иницијативата е на навивачката група „Рибари“, чиј член беше Антонио. Изработката на муралот започна синоќа, а на него работат охридски креативци и членови на навивачката група.
Ликот на Антонио е централен мотив на муралот, врамен со ловоров венец и обележја кои потсетуваат на неговата поврзаност со „Рибари“ и охридскиот спорт.
Савевски остави трага и во охридската кошарка. Токму во ГКК Охрид ги направи првите чекори во тренерската кариера, а по неговата прерана смрт од него со бројни пораки се простија колеги, соработници, пријатели, спортски клубови и навивачи.
Муралот во неговата Влашка маала ќе остане траен спомен на Антонио.
OhridNews












