Силен земјотрес од 6,2 степени според Рихтер ја погоди на 30 декември Република Хрватска. Во земјотресот повредени се најмалку 30 луѓе, а 7 ги загубија животите. Спасувачите трагаат по исчезнати лица под рушевините во градовите Петриње и Глина, кои се најпогодени од природната катастрофа.

Земјотресот силно е почувствуван во цела Хрватска, а материјална штета има и во други региони, како и во градот Загреб. Охриѓанецот Марјан Карафилоски кој живее во Загреб, за OhridNews раскажува дека земјотресот бил силен и интензивен. Оштетени се објекти и фасади, а населението е вознемирено и уплашено.

Во моментот на земјотресот бев на трет кат. Траеше подолго од 15 секунди и беше застрачувачки. Прозорците почнаат да се кршат, а џидовите да пукаат, беше навистина опасно. – вели Марјан.

По силниот земјотрес во Хрватска се регистрирани серија помали земјотреси кои внесуваат дополнителна паника кај неселението, дотолку повеќе што оштетувањата на одредени објекти се сериозни и им се заканува уривање.

Жителите во погодените подрачја имаа тешка ноќ. Тие се исправени и пред голема неизвесност, бидејќи во епицентарот на земјотресот најголемиот дел од домовите се уништени. Материјалната штета е огромна. На терен заедно со спасителите е и војската, а граѓаните се организираат да помогнат на разни начини.

Г.М.