Современо пакување за современо време и фестивал кој конечно ќе заличи на фестивал достоен за 21-виот век, најави новото раководство на една од најголемите поетски манифестации, Струшките вечери на поезијата.

–    Се утврдува конечната програма на фестивалот , онолку колку што беше можно во едни вакви услови и во еден ваков контекст и временски теснец.  Веќе се работи на изработка на сценографските решенија за осмислување на комплетното сценарио за предвидените програмски содржини и настани кои ќе се одвиваат во текот на фестивалските денови. Се обидовме, согласно заложбите, да се почувствува таа фестивалска атмосфера насекаде во градот која беше карактеристична за некои минати изданија, рече Мите Стефоски, директор на Струшките вечери на поезијата.

Годинава за прв пат, по 50 години, е  востановено знаме на фестивалот како негово основно обележје, а новина е и тоа што за прв пат ќе бидат користени специфични  алтернативни сцени , каде што поетите ќе бидат поблиску до публиката.

Стефоски на денешната прес- конференција потенцира дека во тек се подготовките на изданијата на фестивалот за кои се  ангажирани врвни преведувачи , а за прв пат оваа година ќе биде објавена во препев на англиски јазик, книгата на  добитникот на минатогодишната  наградата „Браќа Миладиновци“,  „Забранетата книга“ на Веле Смилески.

Во рамки на годинешното издание ќе се одржи симпозиум на тема ,,Новите комуникации-закана или  перспектива за поезијата’’. Годинешната фестивалска програма ќе биде во знакот на два значајни јубилеи- 150 годишнината од смртта на браќата Миладиновци и 30 години од смртта на Ацо Шопов кој е основач на фестивалот.

Рако водството на СВП најави и  востановување нова награда за  најдобра песна прочитана на фествалот од млад  поет од Македонија .

Е.М.