Teoријата дека 5G технологијата има некаква поврзаност со ширењето на COVID-19, е на ниво на хипотезата дека Земјата е рамна. Доколку сакате да обвините некоја технологија за ширење на вирусот, тогаш кандидати би биле автомобилите и авионите, но не сум сигурен дека таквото обвинување би било рационално, вели охриѓанцот Петар Поповски – електроинженер, доктор на науки,  професор и шеф на истражувачка секција за конективност на „Aalborg University“ – Данска. Неговото научно гледање објавено на специјализираната платформа „Медиум“ (5G technology: Why Not to Worry and What to Do if You are Still Afraid of It), го пренесуваме во целост во договор со авторот. 

Лажните приказни за штетните ефекти на 5G го преплавија дигиталниот простор и социјалните медиуми, па дури и мистично се поврзуваат со COVID-19. За жал, сега нивниот ефект се префрли од дигиталниот во физичкиот свет, откако базна станица 5G беше запалена во Велика Британија. Ова е повик за будење за луѓето што работат со безжични комуникации, заедница на која припаѓам, да се вклучат и да дадат појаснувања.

Свесен сум дека овие појаснувања ќе треба да се борат со емотивен твит од типот „5G е штетен“, или некакво страшно видео. Тоа е навистина тешко и ќе се обидам да објаснам што е можно пократко, со следниве десет поенти:

1- “Дали е глупаво да се грижите за 5G?”. Не, имате право да бидете загрижени за секоја нова технологија за која не сте запознаени. На пример, луѓето се плашеа кога за прв пат беше воведена електричната енергија. Во музејот „Мерцедес“ може да се слушне приказната дека на почетокот луѓето бегале како луди далеку од автомобилите, но не се плашеле од постара „технологија“ за транспорт (коњи). Разликата тука е во тоа што со децении користиме безжични технологии, а 5G е друга безжична технологија (прочитајте понатаму пред да го отфрлите моето тврдење дека 5G е „само друга безжична технологија“). Покрај правото да бидете загрижени, имате и право да бидете информирани, па дури и задолжително да бидете информирани пред да дејствувате на кој било начин против воведување на нова технологија.

2- „5G е насекаде, можеме да ги почувствуваме ефектите од зрачењето“. 5G сè уште не се користи широко. Колку луѓе што ги познавате сурфаат преку телефон од 5G или преку таблет поврзан со 5G? Дури и ако тој број не е нула (што претпоставувам дека ќе биде), сепак е минус во споредба со бројот на луѓето околу вас кои користат 4G, WiFi, 3G, 2G или дури и Bluetooth. Значи, безжичното зрачење на кое сте изложени нема (скоро) 5G радио бранови, додека има многу радио бранови од другите безжични технологии, кои веќе се користат со децении.

3- „Но, сум видел ..“. Во овој случај алудирате на луѓе чиј WiFi рутер има „5G“. Имајте предвид дека ова не се однесува на безжичната технологија 5G („страшната“), туку на фактот дека рутерот ја користи фреквенцијата од 5 GHz. И да, ова не е ново, постои скоро две децении и предавател со таква фреквенција имате во вашиот лаптоп и телефон.

4- “Дали технологијата 5G помага во ширењето на COVID-19?” Оваа теорија е на ниво на хипотезата дека Земјата е рамна.  Сепак, за да ја појасниме учтиво оваа дилема, треба да се каже дека оваа технологија сè уште не се користи широко, оттаму 5G нема шанси да биде технологија што придонесува за ширење на COVID-19. Доколку сакате да обвините каква било технологија за ширење на вирусот, тогаш кандидати би биле автомобилите и авионите, но не сум сигурен дека таквото обвинување би било рационално. Јас би рекол дека, доколку 5G технологијата беше  широко распространета во овие тешки времиња на пандемија од COVID-19, нашето работење од дома и интеракцијата од далечина ќе беа многу подобри.

5- „Таа базна станица 5G ќе нè спржи“. Ако сте загрижени за какво било зрачење од безжични комуникациски системи, тогаш највисокото зрачење доаѓа од вашиот мобилен уред, освен ако не стоите веднаш до Базната станица или имате Wi-Fi рутер веднаш до вашата перница. Сепак, тешко е да се пристапи до Базна станица, дури и за лица кои работат на Базни станици има зони на исклучување. Причината е што зрачната моќност се намалува брзо со растојанието и сигналот испратен од уредот што го држите е буквално милиони пати посилен од сигналот што го добива овој уред (и следствено на тоа) од Базната станица. Размислете за следново: ако ставите касетофон од 80-тите години на рамо, би звучел многу погласно во ушите, во споредба со голем звучник што е оддалечен десетици метри. Сега заменете го касетофонот со мобилен уред во вашата рака и големиот звучник со базна станица.

6- “Да, но 5G користи нови фреквенции.” Претпоставувам дека тука се мисли на фреквенциите од таканаречениот опсег mmWave, како што се 30 GHz и 60 GHz. Иако е точно дека овие системи се нови во контекст на мобилните системи за безжична комуникација (т.е. тие не биле користени во 4G или порано), воопшто не се нови. Предочувам дека веќе постои Wi-Fi стандард, наречен 802.11ad, кој користи 60 GHz; тоа е, истата фреквенција што може наскоро да пристигне кај вас преку рутерот во вашата соба. Исто така, некои од полициските радари за мерење на брзината на возилата користат 30 GHz. Студиите за зрачење на овие фреквенции траат веќе неколку години и нема документиран штетен ефект.

7- “5G уредот е многу поштетен од 4G и постарите технологии”. Ако морам да користам една реченица за да ја опишам главната цел на дизајнот на безжичниот комуникациски систем, би рекол дека тој треба да понуди поголеми брзини со користење на помалку енергија. Новите безжични системи стануваат подобри во процесирање и приемот на информациите. Накратко, повеќето поплаки за 5G на социјалните медиуми се испраќаат од уреди што зрачат со поголема моќност од таа на 5G уред.

8- “Дали некој проверува дали зрачењето од 5G е безбедно?” Луѓето кои работат на дизајнирање и анализа на безжични комуникациски системи, обично не се експерти за проценка на влијанието на зрачењето врз здравјето и не сум ни јас. Сепак, постојат експерти кои континуирано работат на испитување на здравствените ефекти и поставување на дозволените нивоа на зрачење. Тие се основа за безжичните истражувачи и инженери во креирањето системи што се во согласност со тие нивоа на зрачење. Пример, постои една група експерти што ги прават патиштата и ги поставуваат границите на брзината, друга група на луѓе кои работат на возила што можат безбедно да ги исполнат тие критериуми. Новите упатства за зрачење се објавени во март 2020 година и нема индикации дека 5G ги крши тие упатства.

9- „Но, како објаснувате дека некои влади забрануваат 5G, на пример, во Белгија?“ Ако имате цврст доказ дека постои одлука на владата која забранува 5G и има документ што ја објаснува причината, тогаш би бил многу заинтересиран да го прочитам. Во врска со Белгија, проверете го мојот напис што го напишав за панел посветен на 5G технологијата минатата година, излегува дека белгискиот министер не бил цитиран на фер и непристрасен начин.

10- „Вие работевте на 5G и сега ја браните таа технологија“. Не, не ја бранам, но се залагам за комуникациска технологија, која, како што можете да видите, е од суштинско значење за да се задржи функционирањето на општеството кога има огромна изолација заради COVID-19. Ако некогаш се појави цврст доказ дека безжичните технологии што ги користиме можат да создадат нивоа на зрачење кои се штетни, тогаш ќе се вратиме на таблата за цртање и ќе ги поправиме / редизајнираме системите за да ги исполниме стандардите за безбедност. Може да се направи паралела со автомобилската индустрија или прехранбената индустрија, каде безбедноста постојано се подобрува бидејќи се појавуваат нови знаења за безбедносните закани, но откривањето на таквите закани не нè враќа на коњите.

Едно нешто што е неоспорно е дека не можеме да ги знаеме прецизно долгорочни ефекти на која било технологија, почнувајќи од адитиви за храна, лекови или безжична технологија. Но, според најдобрите сознанија што ги имаме денес, 5G, WiFi и другите вообичаени безжични технологии не се штетни во однос на зрачењето, како што заклучува и Светската здравствена организација. Сепак, јас сум свесен за еден начин на кој 5G и другите безжични технологии можат да бидат многу штетни, а тоа е да пишувате и прелистувате содржини додека возите – тоа е  единствената работа што треба да ве загрижиува ако се плашите од 5G.

Конечно, дури и по се наведено погоре, сè уште не сте сигурни дали треба да се плашите за зрачењето од 5G. Во тој случај не треба да се плашите само од 5G, туку треба да се откажете и од останатите безжични технологии: ослободете се од вашиот мобилен телефон, извадете ги рутерите за WiFi во вашиот дом, не користете Bluetooth, користете само фиксен телефон и поврзете се на Интернет преку кабел. Не се согласувам дека е оправдано, но барем ќе биде во согласност со стравот од 5G.

Петар Поповски
Професор и шеф на истражувачка секција
за конективност на „Aalborg University“ – Данска

*Ставовите објавени во рубриката Oтворена се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите