Во неколку градови ширум земјава, под мотото „Ќе простиме, но нема и да заборавиме“, се одбележа 70-годишнината од апсењето и депортацијата на македонските Евреи во фашистичките логори на смртта, каде се убиени дури 98 отсто од Евреите кои живееле во земјава.
Ноќта спроти 11-ти март 1943-та, биле уапсени 7144 Евреи од Скопје, Битола и Штип, сместени во Тутунскиот комбинат во главниот град, кој тогаш бил привремен концентрационен логор, а потоа депортирани во злогласениот логор „Треблинка“.
Обединетата македонска дијаспора со соопштение од САД, потенцира дека со голема тага ја одбележува 70-годишнината од масовната депортација на македонската еврејска заедница во концентрационите логори од страна на Бугарија во текот на Втората светска војна. Како што стои во соопштението, ОМД побара од Бугарија да ja признае вината за депортацијата на македонските Евреи и да се извини на македонската еврејска заедница.
Неодамна, бугарскиот парламент усвои Декларација, во кој за првпат се признава неуспехот при спасувањето на Евреите од депортација на териториите под бугарска контрола за време на Втората светска војна, а во најголем дел одговорноста се префрла на фашистичка Германија.
„Бугарија ја одби депортацијата на повеќе од 48 000 Евреи, бугарски граѓани, во концентрационите логори. Сепак, објективна проценка на историските настани не може да го негира фактот дека 11.343 Евреи беа депортирани од северна Грција и Кралството Југославија, кои во тоа време беа под германско управување. Иако се осудува овој криминален чин, преземен од Хитлеровата команда, изразуваме жалење што локалните бугарски власти немаа можност да го спречат.“ – пишува во усвоениот документ.
Инаку, бугарската власт до сега одбиваше да признае каква било поврзаност со депортацијата на македонските Евреи во логорите низ Европа, а најостро реагираа на македонскиот филм „Трето полувреме“.
OhridNews