Во охридската Полициска станица, на 14-ти октомври, 73-годишен охриѓанец пријавил дека претходниот ден на улицата „Сатеска“ во Охрид бил каснат од куче скитник на десната потколеница. Во билтенот на МВР, во текот на истиот ден, забележани се уште два вакви случаи, на граѓани каснати од кучиња скитници. Едниот случај е регистриран во Кичево, другиот во Тетово. Во текот на вчерашниот ден, каснати од куче скитник биле двајца жители на Скопје.

Во текот на оваа година во Охрид беше регистриран уште еден случај, кога во месец февруари девојче беше нападнато од куче бездомник.

Во меѓувреме, надлежните во повеќе наврати информираа дека се е подготвено за да започне со работа шинтерската служба. Набавени се возила, опрема за заловување на кучињата, избрана е фирма која ќе ги дава потребните ветеринарни услуги. Но, со месеци се чека потребната дозвола за работа на прифатилиштето што треба да ја издаде Агенцијата за храна и ветеринарство, а за што е потребно да се изврши траснформација на земјиштето, што е во надлежност на локалната самоуправа.

Во отсуство на институционална грижа, единствени кои се ангажираат и залагаат за хумано третирање на бездомните животни се индивидуални лица – волонтери кои секојдневно згрижуваат напуштени животни и помагаат да се ублажи проблемот за кој надлежните со децении не покажуваат вистинска и искрена волја да го решат.

OhridNews