Реализацијата на буџетот за третиот квартал предизвика бурна расправа меѓу советниците на одржаната 18-та седница на Советот. Дел од советниците ја потенцираа слабата реализација на проектите финансирани преку Владата со унгарскиот кредит. Сепак од општинската администрација и раководството на Советот беа презентирани спротивни податоци. Според надлежните, локалната власт покажува финансиска стабилност и раст на приходите, а реализацијата на проектите е голема.

Реализација на буџетот на општина Охрид за овој квартал, основниот буџет што зависи од општината е до некој степен на добра реализација, меѓутоа некаде околу 73%. А за добивање дозвола за зголемување на буџетот за 10% за идната година треба реализацијата да биде 75%, рече советникот Ванчо Костоски.

Меѓутоа оваа реализација од 73% е од тоа што зависи само од општината, не и од оние дотации, трансфери од повисоко ниво на власта. ​И минатиот пат и неколку пати наназад, минатата година посочив дека проектите од Владата, поготово со првиот и вториот повик кој што беа со унгарскиот кредит имаат многу мала реализација само 36%. Од најавените 374 милиони и нешто, 133 милиони има реализација или 36%. Ова секако е мало остварување, а моето лично мислење е дека не е до општината дека не може да ги реализира овие проекти, односно целокупната постапка, туку се должи на тоа што во државната каса нема пари. Парите што се доделени врз основа на документи на општината, не се стигнати до 30.09.2026 година. Сигурен сум дека и до 11-ти месец може да има уште 2-3%, така е стигнато до 40% и ништо повеќе и до крај на годината толку ќе остане. Тоа исто така го намалува и процентот на реализација на буџетот во целост, посочи Костоски.

И советничката Виолета Аврамоска во своето обраќање ја потенцираше реализацијата на проектите финансирани од унгарскиот кредит.

Овде станува збор за кредитни средства, а не за неповратни инвестиции, обврска за враќање на овие средства имаат граѓаните. Бидејќи реализацијата е мала имам прашања за тоа кои се причините за малата реализација на проектите, дали Владата ги префрлила предвидените средства на сметката на Општина Охрид, доколку средствата од унграскиот кредит не се префрлени дали Општина Охрид има обврска да ги финансира од сопствениот буџет, и доколку е така се создава ризик за дополнително оптоварување на општинските финансии, рече Аврамоска.

Буџетот и програмите се план за работа на Општината и теоретски е неизводливо сите да бидат сведени на 100% реализација, истакна раководителот на Секторот за комунални дејности и сообраќај Тони Иваноски. Посочи дека Општината преку двата огласи на Владата има конкурирано со 24 проекти при што 21 проект се финансирани целосно од Владата, а 3 се комбинирани со средства од општината.

Од вкупно 24 проекти за кој е склучен договор помеѓу општината и Владата на Република Македонија, заклучно со денес во целост се реализирани 16 проекти. Останати се осум проекти од кои шест се во поодмината фаза на реализација и два проекти не се започнати. Не е започнат проектот за изведба на канализациона и фекална мрежа на улицата „Малесија“ и проектот СКАДА кој деновиве треба да почне. Ако сакате во цифри на реализација на износот од предвидените безмалку 8 милиони евра кои што беа или со средствата кои што ги дообезбеди и општината над 8 милиони, до денес се реализирани 6 милиони и 300 или буквално некаде околу 80%. Да се зборува дека проектите каснат или некаснат мислам дека не е коректно, рече Иваноски.

Воедно, посочи дека за улицата „7-ми Ноември“ има проектен рок од 180 дена, а досега се работи 50 дена, потенцирајќи ги притоа сите активности кои се предвидени. Започната е и реконструкција на улицата „Даме Груев“, а завршен е тенедерот за навабка на комуналното возило.

Не е обврска на Општината доколку Владата не ги исплати средствата кон изведувачот, бидејќи договорите се трипартиски, односно како странки во договор се јавува општината, се јавува Владата и се јавува изведувачот. Јасно и прецизно е кажано за делот кој што го обезбедува  Владата дека сите обврски се преземаат од неа и општината нема обврска за исплаќање на тие средства. За тие 36% буџетска реализација сакам да објаснам дека за голем дел од изведените работи, иако се изведени изведувачите немаат доставено ситуација, така што по доставување на ситуацијата исплатата сигурно би била поголема, додаде.

Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски истакна дека растотот на приходите и финансиската стабилност се гледа токму од 73% реализација на буџетот.

Сведоци сме дека преку активната политика која што ја има администрацијата на прибирање приходи општината е влезена во редот на општини кои остваруваат дополнителни средства и со тоа се дозволуваат дополнителни финансиски средства за развојот на градот. ​Во споредба со минатата година има зголемување од над 4% додека во вкупните буџетски приходи се бележи раст од 9,15 проценти, додаде Божиновски.

На денешната седница на Совет беше изгласан и ребалансот на буџетот.

Н.С.Ј.