Преземени се доста активности за спојување на „ЈП Градски пазар“ и ЈП „Градски гробишта“, изготвен е нов статут на јавното претпријатие, направени се вешти наоди за двете јавни претпријатија во поглед на материјално-финансиската состојба, а направени е и новиот правилник за систематизација на работни места каде што се обезбедени работни места за вработените од двете јавни претпријатија, посочи секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, на денешната седница на Совет на Општина Охрид, одговарајќи на прашањето од советникот Ванчо Костоски во поглед реализацијата на спојувањето на двете претпријатија.

Костоски сугерираше дека локалната самоуправа што побрзо треба да го реализира спојувањето на овие две јавни претпријатија, кое што, како што посочи било најавено од градоначалникот и од локалната самоуправа со една единствена цел рационализација на трошоците и подобрување на работењето на јавните претпријатија.

Меѓутоа веќе се одолжи таа работа, уште еден месец па цела година ќе помине. ​Не е толку комплицирана работата да направите длабинско истражување на материјално-финансиското работење, да видите кои се обврските, кои се побарувањата на јавните претпријатија и колку тие обврски и побарувања се реални и да се направи една нова систематизација и што побрзо да заврши. ​Ако сериозно се фатите за работа, два-три месеци се доволно да се заврши една таква работа ако сериозно се пристапи, а веќе една година помина и гледаме дека не оди во добар правец таа работа, потенцираше Костоски.

Секретарот Китески истакна дека имало два неуспешни обиди за избор на фирма која ќе направи ревизија на сите активности коишто биле преземени досега согласно законот според кој мора да има посебна ревизорска куќа којашто ќе направи ревизија на сите акти коишто се донесени, посебно во делот на финансиската состојба, обврски, побарувања…

​Во текот на следната недела треба да се објави уште еден повик. Зголемени се средствата што беа предвидени, 300.000 денари за изработка на таква ревизија, со оглед на тоа што не се јавуваше никој, го зголемивме износот на 500.000 денари. ​Така да јас очекувам дека на објавениот повик нов, следната недела ќе се јави фирма којашто ќе ја направи таа ревизија за постапката да може да продолжи. Значи, не е одолговлечена постапката заради наша вина или вина на некои од јавните претпријатија, затоа што сите оние активности коишто требаше да се преземат до моментот на носење на оваа ревизија се преземени од страна на двете јавни претпријатија, истакна Китески.

Потенцираше дека штом се заврши ревизијата постапката ќе може да продолжи, со оглед и дека има одредени законски рокови кои мора да се испочитуваат.

Во однос на ликвидацијата на „Погребални услуги“ посочи дека е донесено посебно овластување за ликвидатор кој ја средува потребната документација.

Н.С.Ј.