Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните продолжувачи од општините Охрид и Дебрца, денес по повод 77 годишнината од формирањето на Првата Македонска Народноослободителна Пролетерска Ударна Бригада ( МНОПУБ ), со своја делегација положи свежо цвеќе на спомен обележјата во Паркот на револуцијата.

Првата МНОПУБ е формирана на 8 Јуни 1944 година во селото Локов, струшка Малесија.

Во составот на бригадата имало борци од многу краишта на Македонија, како и борци од Егејскиот дел на Македонија. Јадрото на бригадата го сочинувало прочуениот Кичевско – Мавровски батаљон од составот на Првата Македонско – Косовска Народноослободителна Ударна Бригада, учесник во Богомилската епопеја, во Февруарскиот поход. Искусните и храбри воини, ја водеа Првата Македонска бригада во нови победи низ Македонија и Југославија, како што се борбите во струшка Малесија, Дебрца и Копачка, нападот на Дебар и борбите за негово ослободување, борбите за ослободување на Охрид и Струга, ослободувањето на Кичево и кичевско, борбите за ослободување на Гостивар и други места на Западна Македонија, борбите на Првата Македонска Ударна Бригада при пробивот на Сремскиот фронт и ослободување на Винковци, Славонска Пожега, Загреб, се до конечнота победа над фашистичката окупаторска војска.

Првата бригада ги достигна sвездените мигови на македонскиот народ во неговата епохална Народноослободителна војна и како сојузник на антифашистичката коалиција го даде својот значаен придонес, за прва пат за Македонија посебно да се чуе и знае ширум светот. Благодареќи на своите севкупни високи вредности, таа е единствена македонска бригада прогласена за пролетерска, со добиени признанија: Орден – заслуга за народ, Орден – на братството и единството, а од борците во нејзините редови се прогласени 6 Народни херои на Македонија. Денес ја изразуваме заслужената почит и вечна благодарност на загинатите и починати борци, кои со своите млади животи и пролеаната крв, се втемелија во создавањето на македонската држава. – истакна претседателот на ОО на СБ од НОАВМ од Охрид и Дебрца, Гоце Георгиески.

OhridNews