Во текот на 4-та недела од 2022 година (24-30.01.2022), во државава пријавени се 253 случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип. Се бележи намалување од 26,9% во споредба со минатата недела. Во Центарот за јавно здравје во Охрид се бележи ист број на случаи како и во претходниот извештај од ИЈЗ, односо во извештајот за третата недела од 2022 година.

Заболените се пријавени од 14 ЦЈЗ/ПЕ, во Охрид – 79, во Прилеп – 34, во Дебар – 30, а во останатите ЦЈЗ/ПЕ, бројот на пријавени е помал од 30. Во девет извештајни единици кои пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска активност на вирусот на грип, во 4 е регистрирана сезонска ниска активност, а во една односно во Охрид се регистрира средна активност, се вели во извештајот од ИЈЗ.

Во однос на возрасната дистрибуција, 167 лица се на возраст од 15-64 години, по 37 кај деца на возраст од 5-14 години и на возраст над 65 години и 12 се регистрирани кај деца на возраст од 0-4 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

Во текот на 4-та извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ, пристигнаа 190 материјали за лабораториско тестирање на грип од кои еден од сентинел САРИ надзорот, паралелно тестирани за грип и COVID-19. Притоа, детектирани се 3 (1,6%) позитивни случаи, сите од рутинскиот надзор, сите Influenza A несубтипизирани, велат од Институтот.

Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со 4-та недела од минатата сезона е зголемен 7,7 пати. Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип, се наведува во извештајот.

OhridNews