Првиот информативен интернет портал во Македонијa “www.ohridnews.com” денеска одбележува 8 години постоење.
OhridNews официјално започна со работа на 07.12.2006 година, во предвечерјето на големиот празник Свети Климент Охридски – патронот и заштитник на Охрид, најавувајќи нова ера во информирањето кај нас. Оттогаш наваму во Охрид се појавија бројни интернет страници со сличен концепт, но OhridNews и натаму убедливо е прв избор и извор на информации за охриѓани.
Дневно најчитаниот и најпосетуван интернет портал во поширокиот регион има од 15 – 20.000 уникатни посети, и околу 60.000 разгледани содржини, што го прави највлијателен охридски интернет сајт. За 8 години постоење OhridNews има објавено над 85.000 информации, кои го привлекле вниманието на милиони посетители од сите страни на светот.
OhridNews во изминатите осум години покрај висок професионализам по кој е препознатлив, покажа исклучителна општествена одговорност поддржувајќи бројни хуманитарни, еколошки, спортски, културни и други проекти. За својот придонес во афирмацијата на Охрид, OhridNews во 2008 година го доби највисокото општинско признание Св. Климент Охридски – патрон на градот, а во 2010 година стана првиот информативен портал во Македонија кој ја доби Националната награда за придонес во развојот на демократските процеси што ја доделуваат МИМ, Институтот за развој на медиуми и УСАИД. Втора година по ред порталот со најголема доверба кај охриѓани е номиниран во националниот избор за најдобар портал во Македонија во три категории.
Низ годините OhridNews технички се подобруваше и осовременуваше, воведувајќи нови содржини и поставувајќи стандарди кои се репер за квалитетно, објективно и професионално информирање. OhridNews меѓу првите започна со емитување на високо професионално изработени видео прилози и емисии и реализација на преноси од настани во живо на интернет.
Посебно горди не прави високата доверба која ни ја укажуваат читателите. И натаму ќе продолжиме да ги информираме објективно и навремено за сите случувања од интерес за јавноста, доследно почитувајќи ги новинарските стандарди и етички норми.
Ви благодариме што 8 години сме Ваш прв избор.
OhridNews