Со промоција на најновиот избор поезија „Билје крај Езерото“, денеска беа одбележани 80-от роденден и 60 години творештво на охридскиот поет, прозаист и драмски писател, Видое Видичевски.


На свеченоста што заеднички ја организираа Локалната самоуправа од Охрид и Медитеранската академија „ Браќа Миладиновци “ од Струга, за литературен опус на Видичевски говореше писателот Разме Кумбароски, кој истакна дека јубилејот е заштитен амблем за секој писател.

– Да се твори  значи Видичевски да сонува и со своите едра и компаси да исплови до големите окна и длабочини на својата Езерска земја и да му посакаме уште многу години здравје и творештво, рече Кумбароски.


Честитки за роденденот и јубилејот на Видичевски упати и градоначалникот Петрески, кој во име на локалната самоуправа на славеникот му врачи скромен подарок. Заблагодарувајќи се Видичевски истакна дека и натаму ќе биде активен, бидејќи како што рече се уште има работи кои сака да ги направи.

-Ќе се трудам и понатаму независно од годините да направам уште нешто како во литературата, така и во општествениот живот, рече Видичевски.


Охриѓанецот Видое Видически е автор на поголем број литературни дела. Пишува  поезија и проза, а според неговата книга „Големата Шума“ во 1977 година е работена телевизиската серија „Малиот одред“. Тој е добитник на голем број награди и признанија. Оновач е на Историскиот архив во Охрид и на Радио Охрид, и е еден од иницијаторите за раѓањето на фестивалот Охридско лето,  Струшките вечери на поезијата, и на културната манифестација Прличеви беседи.

OhridNews