Недоволните физички активности како и предолгото седење пред компјутер, се причините што околу 80 отсто од децата на возраст од 11-12 години во Охрид, се соочуваат со деформитети и неправилен развој на телото. Поголемиот број од децата, поминуваат повеќе од 2 часа пред своите компјутери, а веќе одамна ја нема онаа глетка на деца кои играат пред своите улици.

Кинезитерапевтот Јован Каланоски од студиото „Кинезио“ предупредува дека се зголемува бројот на деца со деформитети, на што укажале и резултатите од стручните прегледи на основцните во градот, извршени во рамки на проектот за навремено откривање на деформитетите кај децата поддржан од Локалната самоуправа.

Веќе половина година вршиме прегледи на децата од 6-то одделение. Минатата година имавме една бројка од околу 72 отсто на деца сo неправилен развој на мускулатурата. Оваа година бројката е енормно зголемена, односно, изнесува преку 80 проценти. На деца од 12 години, полесно е да се корегира тој деформитет отколку да се чека и да стане невозможно да се исправи работата. Вежбите се пријатни за децата кои растат, а вистинската насока на развојот на телото се случува после 5-6 месеци вежбање.“ – истакна кинезитерапефтот Каланоски, сопственик на студиото Кинезио од Охрид, во кое се изведуваат тренинзи за правилен раст и развој на децата, но и корективни вежби, со цел надминување на деформитети.


Според Каланоски, една од најголемите причини за појава на деформитети кај децата е недоволната физичка активност. Тој истакнува дека  дел од вината сносат и родителите, бидејќи поради работните обврски, децата најчесто се оставени пред компјутерите, онаму каде што се „најмирни“. „Децата поминуваат повеќе часови седејќи пред компјутерите. Со неправилно седење, може да дојде до искривување на ’рбетот. Исто така до овие деформитети доаѓа и преку неправилното истегнување пред и после секој тренинг во спортовите кои се вежбаат. Но постојат и такви деца кои вежбаат превентивно, со цел да не дојде до вакви проблеми. За поспецифичните случаи, преку проект одобрен од општината, корективната гимнастика се врши бесплатно.“ -изјави Каланоски.


Каланоски апелира до родителите, повеќе да внимаваат на правилното седење на своите деца. „Доколку се забележи некое искривување, родителите можат да се посоветуваaт во нашето студио, каде ќе се изврши бесплатен преглед. Треба сите да знаат дека корекцијата не се врши преку ноќ, туку треба да мине определен период на вежбање, а потребна е и упорност и истрајност. Ги советувам сите родители да им посветат повеќе време на своите најмили, и да ги насочат на вистинскиот пат, бидејќи тие се нашата иднина“ – завршува Каланоски.

O.T.