Емисијата „Охриде не бери гајле“ на охридскиот актер и водител Жанко ЗШ Голабоски, вчера наполни девет години откако започна да се емитува во радискиот етер.

Речиси една деценија, Голабоски заедно со Тони Џомба и Ди-џеј Јане на Супер радио, успеаа да ја направат четиричасовната емисија во квалитетен радио-проект.

Девет години не е мала работа. Со четиричасовни емисии навистина треба да издржиш и нешто да понудиш. Екипа сме јас, Џомба и ди-џеј Јане, кој нешто подоцна ни се приклучи во емисијата.  Фрекфенцијата е голема и за да го задржеш вниманието, треба да понудиш нешто што нема да е досадно, презаситено и копирано. Во суштина го пратиме секојдневнието и гледаме да сме оригинални.“ – вели Голабоски.

Различни гости, различни емисии

Во текот на изминатите години, во емисиите на Голабоски се појавиле голем број гости, почнувајќи од јавни личности, музички ѕвезди и рокери, па се до уметници, поети  и писатели.

Колку што се сеќавам, во радио емисиите премногу гости не сум носел. Но мора да потенцирам дека со таксист или автомеханичар, можеш да направиш далеку поинтересна емисија преку чаршиски и домаќински муабет, отколку со политичар или ѕвезда. Нормално со секој соговорник разговараш како со посебна индивидуа, со цел гостинот да е опуштен и да се чувствува како дома.“ – вели Голабоски.

Микрофон или камера?!

Од пред година и половина Голабоски е заштитно лице на „НАША ТВ“. Како што вели, секој соговорник различно реагира во зависност од тоа дали се наоѓа пред камера или микрофон.

Пред камера мора да се внимава на гестикулациите и држењето, бидејќи и најмала гримаса може да се примети. Радиото си има една друга димензија. Во студиото си сам, а од другата страна имаш ди-џеј. Бидејќи долги години работиме заедно, со еден поглед знаеме што сакаме да направиме. Во секој случај, за да задржиш толкав број на публика, треба да си свесен за тоа што го работиш.“ – објаснува нашиот соговорник.

„Охриде не бери гајле“ продолжува и понатака

Како што објаснува Голабоски, емисијата и телевизискиот проект кој се емитува на „Наша ТВ“, ќе продолжат да одат во етер и во периодот кој претстои.

Со емисијата и ТВ проектот ќе тераме додека има заинтересираност. Продолжувам и со моето хоби, велосипедизмот, што значи секој ден со нов к’смет. Има една реплика од претставата „Чобраџи Теодос“, која често ја повторува. „Еј чорбаџијо, животот ти е како огледало. Насмевни му се, ќе ти се насмее, намуртиму се и ќе ти се намурти. Кога ќе размислиме, навистина гледаме дека тоа е така.“ – завршува Голабоски.

OhridNews

X